Совет за соработка со и развој на граѓанското општество. Ова советодавно тело на Владата, чија цел е исклучително значајна и потребна во едно демократско општество, е формирано со владина одлука во 2016 година, која е објавена на веб-страницата на Советот. Сепак, од 2022 година, неговите членови не заседававаат и телото не функционира, па следствено, веќе втора година ја уназадува соработката и поврзаноста на институциите со граѓаните.
Зошто е важно делувањето на едно вакво тело во општеството? Која е неговата улога? Зошто неговите членови не заседавале од 2022? Како да се одглави советот и конечно да започне и да се гради соработката меѓу Владата и НВО секторот, во интерес на граѓаните?
Две години бојкот
Според одлуката за формирање, во ова тело треба да членуваат 14 претставници државната управа, како и 13 членови кои ги назначува Владата, а се избрани преку јавен повик, на предлог на организациите регистрирани согласно Законот за здруженија и фондации. Целта на постоењето на Советот е јасна – унапредување на дијалогот меѓу Владата и организациите, со што би се поттикнал и развој на граѓанскиот сектор. Сепак, реалноста е поинаква. Развој на таа соработка нема, а сè започнало откако претходната Влада го скратила буџетот и парите за граѓански организации ги дала на Министерството за политички систем, а во тој период со него раководел Артан Груби.
За тоа, што се случувало, за Мета.мк објаснува Снежана Камиловска Трповска од Меѓународниот центар за меѓународна соработка, како членка на ова тело.
Советот за соработка, една година по своето формирање во вториот мандат прекина со работа т.е. премина во бојкот во 2022 година. За жал, веќе на почетокот на 2022 година се увиде дека перцепцијата на тогашната Влада беше дека ова тело е повеќе проформа, па во клучни одлуки за развој на граѓанското општество, не беше вклучено. Имено, со носењето на тогашниот буџет беа скратени целосно средствата за граѓанските организации од Генералниот секретаријат при Владата, без било какви консултации и беа префрлени во тогашното Министерство за политички систем. Имено, во состојба кога требаше да се дискутира за зголемување на државното финансирање на граѓанските организации, како што беше предвидено и во програмата на Владата, се соочивме со кратење на средствата. За реална реформа, пак, не ни стануваше збор да се реализира, вели Камиловска Трповска.
И покрај тогашните барања до Владата и тоа на највисоко ниво за остварување на средба и надминување на предизвиците, средба не се одржала.
„Оваа состојба доведе да членовите на Советот од редот на граѓанските организации речиси две години бидат во бојкот. Пред да дојде до бојкотот, Советот имаше свои редовни средби на кои се дискутираа прашања како Стратегијата за развој, прашања поврзани со финансирање на организациите, нивна афрмација. Целта на ова тело е исклучително значајна и потребна во едно демократско општество. На овој начин се прикажува спремноста на државата за реална дискусија и консултација со граѓанското општество за прашања од значење за развој на општеството и спремност да се носат одлуки во еден транспарентен и конструктивен процес“, смета Камиловска Трповска.
Таа потенцира дека функцијата на ова тело е да се унапреди и состојбата во која се наоѓа граѓанското општество во државата и да се прикаже дека е реален партнер во креирање на политики поврзани со развојот на општеството.
„Токму затоа и во последните два извештаја на ЕУ за напредокот на државата како забелешка се даваше нефунцинирањето на Советот како тело кое треба да биде мост меѓу граѓанските организации и Владата“, додава таа.
Има ли предизвици што треба да се надминат со новата Влада?
Додека членовите на граѓанското општество во Советот ја бојкотираа работата, се оформи впечаток дека беше стопиран процесот на реформата на моделот за државното финансирање на граѓанското општество. Има ли предизвици со новата Влада кои треба да се надминат за да се воспостави нов Совет и да се забрза процесот на усвојување нов модел за државното финансирање?
И покрај фактот дека постоеше активна работна група за ова прашање (составена во еден инклузивен процес), предлози беа направени, сепак сеуште се „тапка“ во место и измени на Законот за здруженија и фондации уште не се направени. Сето ова се предизвици со кои се соочува новата Влада, но очекувањата на граѓанските организации се исти. Да видиме транспарантен процес за избор на членови на Советот, чиј мандат е веќе завршен. Ова тело да има реална функција и да биде активно во залагањата за развој. На крај, да продолжи со работа работната група за моделот на државно финансирање и Законот за здруженија и фондации, со цел да во најкус можен рок се започне со реални реформи. За сето ова се надеваме дека во Програмата на Владата ќе видиме реални заложби и рокови кои ќе бидат испочитувани, нагласува Камиловска Трповска.
На оваа тема позборувавме и со Уранија Пировска, извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
„Во март 2022 година, претставниците на граѓанските организации во Советот за соработка одлучија да ја бојкотираат работата на ова тело. Причината беше што Владата без консултации и без да го информира Советот, одлучи мандатот за распределбата на буџетските пари за невладиниот сектор да го префрли во Министерството за политички систем, но главната причина беше начинот на кој тоа беше направено. Дотогаш парите наменети за граѓанскиот сектор што се однесуваат на приоритетите на Владата ги распределуваше Генералниот секретаријат врз основа на претходно усвоена програма што ја подготвуваше Советот, односно заедно владините претставници и граѓанскиот сектор. Проблемот со одлуката донесена на владината седница од 27 септември 2022 година беше што таа беше донесена без никакви консултации со Советот“, вели Пировска.
Скусениот буџет го налути НВО-секторот
Проблеми се насетуваа и претходно, додава Пировска, кога во буџетот за 2022 година, што беше испратен на собраниска расправа, се виде дека нема пари за невладините организации.
На 30 јануари лани, побаравме средба со тогашниот премиер Димитар Ковачевски, во соопштение за јавност укажавме дека работењето на Советот беше оневозможено со владиното игнорирање на неговите клучни препораки и заклучоци, што е негова основна надлежност како советодавно тело на Владата. Функционирањето на Советот на едно повисоко ниво го издигна финансирање на граѓанскиот сектор, а предложената реформа во финансирањето на граѓанските оганизации влезе во програмата на Владата. Советот работеше со хоризонтална поставеност што беше препорака од Брисел, заради негова поголема заштита и независност. Во извештаите на Европската комисија формирањето и работата на Советот беше оценета позитивно, но поважно е што граѓанскиот сектор е и треба да остане партнер на власта во спроведувањето на активностите и политиките што се од интерес на граѓаните, додава Пировска.
Влада: Мандатот на членовите заврши, ќе се избираат нови
Mандатот на членовите на Советот трае 3 години. Во јули годинава им истекол и сега треба да се избираат нови. Мета праша во Владата, кога треба да се случи изборот за да може Советот повторно да функционира.
„Тригодишниот мандат на членовите на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество заврши на 30 јули годинава. Сега потребна е постапка за изменување на Одлуката за формирање на Советот, поради потребата од усогласување со Законот за организација и работа на органите на државната управа, односно со промената на министерствата. Потоа Генералниот секретаријат ќе објави јавен повик за избор на 16 членови на Советот од редот на граѓанските организации“, ни рекоа оттаму.
Инаку, во програмата за работа на Владата за период 2024-2028, накусо е наведена содржина за соработката со граѓанскиот сектор. Пишува дека Владата ќе обезбеди пари за поддршка на граѓанските организации што аплицираат и се добитници на проекти од европски и други фондови. Во програмата е наведено и дека ќе се спроведе сеопфатна реформа на системот за спонзорства на организациите кои вршат јавни дејности, а наведено е и дека Владата ќе организира Годишна конференција на граѓанските организации.