Вработен во „Ванхол“ е првиот заболен во Лозово од Ковид-19, нема заболени во Свети Николе

Фото: Арбнора Мехмети, Мета.мк

Мала забуна меѓу граѓаните на Свети Николе предизвика веста од Министерството за здравство дека еден од новозаболените лица со Ковид-19 е од оваа општина. Меѓутоа, набргу се решија дилемите и Свети Николе и натаму останува еден од ретките македонски градови без Ковид-19. Заболеното лице е од селото Дорфулија, Општина Лозово, кое работи во странската компанија „Ванхол“ во индустриската зона Бунарџик во Скопје. На заболениот му е издадено решение за самоизолација.

Од Кризниот штаб на Свети Николе упатија апел до граѓаните да се почитуваат препорачаните здравствени мерки, додека оваа општина и натаму останува без ниту едно заболено лице.

Два нови случаи на заболени од Ковид-19 во изминатите 24 часа се регистрирани во Штип. Станува збор за сопругата и детето на заболениот таксист, кој од вчера се наоѓа хоспитализиран на Инфективното одделение на Клиничката болница во Штип.

Со оглед на тоа дека сопругата, која сега е позитивна на Ковид-19 работи како медицинска сестра во приватна здравствена установа, епидемилозите во Штип одлучиле установата да остане отворена за пациенти, бидејќи целиот персонал користи целосна заштитна опрема. Сепак, тројца колеги на заболената жена се испратени во самоизолација, како превенција.

На Инфективното одделение во Штип се хоспитализирани двајца пациенти од Штип и по еден пациент од Берово и Пехчево. Сите се во добра здравствена состојба.

По краткото стивнување на болеста во Штип, неделава се регистрирани тројца нови пациенти. Во Центарот за јавно здравје стравуваат дека тој број може да се зголеми, бидејќи топлото време ги раздвижи граѓаните, а отворените дуќани ги примами купувачите, кои само делумно се придржуваат на препорачаните мерки.