Во тек е конкурсот за програмата Зоран Ѓинѓиќ за студентска пракса во Германија

Конкурсот е наменет за студенти на додипломски студии кои запишале најмалку петти семестар, за студентите на магистерски и докторски студии, како и кандидатите кои ги завршиле студиите, односно дипломирале по 1 јануари 2024 година. Аплицирањето онлајн трае до 14 ноември

фото: https://www.stipendienprogramm.org/

Отворен е конкурсот за програмата за студентска пракса „Зоран Ѓинѓиќ“, преку која студентите и неодамна дипломираните студенти од регионот на Западен Балкан имаат можност за стручно обучување во Германија во времетраење од три до шест месеци.

Престојот во Германија им овозможува на студентите да се запознаат со организацијата, деловните процеси и функционирањето на големи и успешни германски компании, за подоцна да го пренесат тоа знаење и искуство преку нивното идно вработување во земјите од регионот.

Конкурсот е наменет за студенти на додипломски студии кои запишале најмалку петти семестар, за студентите на магистерски и докторски студии, како и кандидатите кои ги завршиле студиите, односно дипломирале по 1 јануари 2024 година.

Во моментот на пријавување, кандидатите не треба да имаат повеќе од 28 години.

Областа на студии треба да има фокус на финансиите, електротехниката, информатиката, машинското инженерство, индустриско инженерство, технологија, природни науки, науки за животната средина, градежништво и архитектура, новинарство или земјоделство.

Праксата за избраните студенти ќе започне во текот на летото 2025 година.

Од 2004 година до денес, над 1.000 млади луѓе од Западниот Балкан имале можност да го стекнат своето прво работно искуство за време на професионалната пракса во Германија во една од над 260 водечки германски и мултинационални компании.

Аплицирањето онлајн трае до 14 ноември.

Повеќе информации за програмата и процесот на аплицирање може да се најде на овој линк.

Програмата за стипендирање започна во 2004 година, по атентатот на тогашниот српски премиер Зоран Ѓинѓиќ. Покровител на програмата е германското Сојузно министерство за економска соработка и развој. Програмата ја спроведува Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), а ја имплементира Одборот на германската економија за Источна Европа, во соработка со Фондацијата Зоран Ѓинѓиќ.