Во Белград в петок целодневни блокади на улиците поради изборните измами

Студентите и активистите и денеска протестираа во Белград, иако од српскиот министер за државна управа и локална самоуправа Александар Мартиновиќ добија одговор дека нивното министерство не е надлежно за да го отвори и да го стави на увид избирачкиот список од изборите што се одржаа во земјата на 17 декември

Белград; Фото: Архива на Мета.мк

Движењето „Борба“ за во петок најави 24-часовни блокади на сообраќајот во Белград. Активистите најавија дека целодневниот револт поради изборните измами на српската власт ќе започне во 12 часот, од каде во сабота ќе заминат на големиот протест што го организира иницијативата „ПроГлас“, пренесува весникот Данас. 

Студентите и активистите и денеска протестираа во Белград, иако од српскиот министер за државна управа и локална самоуправа Александар Мартиновиќ добија одговор дека нивното министерство не е надлежно за да го отвори и да го стави на увид избирачкиот список од изборите што се одржаа во земјата на 17 декември. И покрај ова, студентите од движењето „Борба“ потенцираат дека консултирале правен тим и добиле информација дека токму ова министерство е надлежно за да го отвори избирачкиот список.

Опозициската коалиција „Србија против насилството“ објави дека ќе го бојкотира повторувањето на изборите на 30 изборни места што е предвидено да се одржат на 30 декември каде што се утврдени нерегуларности на парламентарните избори. Од опозицијата велат дека прегласувањето нема да ја промени изборната измама што е направена, ниту пак ќе ја поправат несправедливоста направена на 17 декември.

Поради сериозните неправилности кои се регистрирани од меѓународните набљудувачи на 17 декември, претседателот на Конгресот на Советот на Европа, Марк Кулс побара од портпаролот на Конгресот за изборни прашања Стјуарт Диксон на почетокот од 2024 година да го посети Белград за да се состане со српските власти.

Главната причина за посетата ќе биде разговор за подобрување на изборниот процес и итните реформи што се потребни за борба против секоја потенцијална измама, се наведува во денешното соопштение на Конгресот на Советот на Европа, што го пренесува Н1.

Диксон на 20 декември изрази загриженост поради сериозните неправилности во текот на парламентарните и локалните избори, кои ги пријавија членовите на меѓународната набљудувачка мисија и ги повика српските власти да се заинтересираат за наводните случаи на кршење на изборниот процес и да спроведат истрага.