Државната изборна комисија ги објави финансиските извештаи на политичките партии од почетокот на изборната кампања до 30 ноември, кои партиите, според предвидениот рок, вчера ги доставија до ДИК, Државниот ревизор и до Државната комисија за спречување на корпуција (ДКСК).

Од извештатите на политичките партии, најинтересен е финансискиот извештај на владејчката ВМРО-ДПМНЕ, кој е за периодот од 21 до 30 ноември 2016 година и според кој, оваа партија има далеку поголеми трошоци од приходите што ги пријавила. Покрај ВМРО-ДПМНЕ, уште четири други партии имаат негативни салда, односно непокриени расходи.

Според извештајот, ВМРО-ДПМНЕ пријавила вкупни приходи од 7.431.579 денари, додека вкупните расходи ѝ се шестпати поголеми и изнесуваат вкупно 43.961.384 денари, односно владејчката партија има непокриени расходи од вкупно 36.626.805 денари. Тоа е разликата од пријавените приходи и пријавените расходи.

Владејачката партија, според извештајот, пријавила дека сите приходи ѝ се од донации, а сумата на приходи од други извори изесува нула денари.

Најмногу пари од донации, кои се и единствените приходи што ги пријавила ВМРО-ДПМНЕ, партијата потрошила за реклами и за пропаганда – 28.381.279 денари, за транспортни услуги – 3.382.500 денари, за сметководствени услуги – 30.750 денари, за услуги за копирање, печатење и за издавање предизборни материјали – 7.219.759 денари, за изнајмување простор и опрема – 3.043.576 денари и за други услуги – 1.903.520 денари.

Најголемата опозициска партија СДСМ со коалиционите партии пријавила вкупни приходи од 32.922.717 денари. Од нив 9.581.017 денари биле од донации, а 23.341.700 од други извори на финансирање, односно од членарина.

Вкупните расходи, според извештајот на СДСМ, изнесуваат 19.683.894 денари. Сите пари од донации, односно 9.581.017 денари, според СДСМ, отишле за реклама и за пропаганда, додека од приходите од членарина опозициската партија потрошила вкупно 10.102.877 денари. Од нив најмногу биле потрошени за реклама и за пропаганда – 8.195.252 денари, за изнајмување простор и опрема – 1.712.475 денари, за провизија за платниот промет – 10.763 денари, за судски и правни услуги – 600 денари и 1.180 денари за други услуги.

Според извештајот, СДСМ е во позитива од 13.238.823 денари, односно опозициската партија потрошила помалку пари од тие што ги собрала како приходи од донации и од други извори на финансирање.

Од партиите од албанскиот блок, Демократската партија на Албанците (ДПА) од донации пријавила вкупно 602.000 денари, а од други извори не пријавила приходи. Од нив, за реклама и за пропаганда партијата потрошила 362.266 денари, за изнајмување простор и опрема – 70.800 денари, за провизија за платниот промет – 774 денари, односно вкупните расходи на ДПА, според нивниот извештај, изнесуваат 433.840 денари, а разликата во приходите и во расходите изнесува позитивни 168.161 денари.

Владејачката Демократска унија за интеграција (ДУИ), пак, во извештајот навела дека има вкупен приход од донации во износ од 6.880.750 денари и 1 милион денари останати приходи. За реклами и за пропаганда партијата на Али Ахмети потрошила 4.715.050, за интелектуални услуги – 618.000 денари, за провизија за платен промет – 1.045 денари.

Вкупните расходи на ДУИ изнесуваат 5.336.095, односно партијата има позитивна разлика меѓу приходите и расходите од 2.544.655 денари.

Инаку, Демократската бошњачка партија во финансискиот извештај нема доставено висина на приходи и на расходи.

Коалиција за промени и правда – Трет блок пријавила вкупни приходи од 1.448.300 денари, а вкупни расходи од 1.559.635 денари, односно оваа коалиција има непокриени расходи од 111.335 денари.

Партија за демократски просперитет (ПДП) не пријавила приходи, но пријавила расходи во износ од 262.761 денари, кои ѝ се непокриени.

Либералната партија имала вкупни приходи од 436.000 денари, а вкупни расходи од 477.811 денари, што значи дека партијата има непокриени расходи од 41.811 денари.

Беса пријавила вкупни приходи од 4.153.750 денари, а имала расходи од 4.725.217 денари, што е негативно салдо од 571.467 денари.