Власта дава благодарност, опозицијата бара оставки за проблемот со водата во Битола

Водоснабдувањето на Битола и понатаму е најгорливата тема за битолчани овие денови, откако по свлечиштето на хидросистемот „Стрежево“ градот неколкупати остана без вода за пиење. Најтешко им е на пелагонските земјоделци, чиј род на нивите веќе се уништува без наводнување.

Оваа тема деновиве уште повеќе ја разгорува и политичката сцена во Битола, па на обиколка во Пелагонија стасаа и политичари од Скопје.

– За оваа катастрофа, првите луѓе на ЈП „Стрежево“ мора да поднесат оставки. Ситуацијата ја сметаме за елементарна непогода за земјоделците и бараме да се формира комисија за штети, со учество на земјоделците – рече претседателката на Комисијата за земјоделство на СДСМ, Татјана Прентовиќ, по денешната обиколка на селата Могила, Кукуречени, Егри и Кравари.

Битолските либералдемократи, пак, сметаат дека власта во Битола со партиски и со нестручни кадри го довела градот до хаварија во водоснабдувањето. Според нив, срамен и недостоинствен е начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ се обидува да го релативизира големиот проблем со недостигот од вода во Битола на повеќе од 40 Целзиусови степени, со работењето на РЕК-Битола и проблемот со наводнувањето на приближно 20.000 хектари земјоделски површини.

– ЛДП смета дека свлечиштето не е предизвикано од поплавите во февруари годинава. Затоа прашуваме дали се работи за индуцирано свлечиште предизвикано од човечка негрижа, создавано во последните години? Дали за истото е навремено предупредувано од вработените во ЈП „Стрежево“ и, на крај, има ли простор за сериозни сомнежи дека актуелното раководството не ја третирало сериозно оваа закана? – рече Валентин Груевски, советник и претседател на ЛДП во Битола.
Наспроти критиките и барањето одговорност за состојбите со водоснабдувањето на градот и на Пелагонија, претседателот на разгранокот на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, Борче Димитровски, упати јавна благодарност од името на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ до сите луѓе што во изминатите денови биле деноноќно вклучени во обезбедување на „непречено и непрекинато“ водоснабдување на градот Битола.

– Убеден сум дека и сите битолчани го чувствуваат истото и се благодарни за натчовечките напори што ги прават нивните сограѓани, сѐ за во градот Битола да не се почувствува недостиг од вода за пиење – вели Димитровски.

А.Б.