Владина делегација оддаде почит кон светите браќа Кирил и Методиј

Владата го потенцира значењето на мудрите и проактивни политики, со цел натамошна афирмација и интеграција на македонскиот јазик, идентитет и култура, во демократските семејства на јазици, народи и култури, се вели во владиното соопштение

фото: Влада на Република Северна Македонија

Во пресрет на утрешниот државен празник, 24 Мај – Ден на сесловенските просветители, Свети Кирил и Методиј, Владата организираше настан во чест на просветителите втемелени во создавањето на македонската писменост.

Владина делегација предводена од министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, положи цвеќе на споменикот на Свети Кирил и Методиј, на платото пред Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

„Владата на Република Северна Македонија во изминатите години со низа активни политики го заштити и унапреди македонскиот стандарден јазик, обезбедувајќи го неговиот континуитет. Од пред две години македонскиот јазик е на рамноправно рамниште и со официјалните јазици во институциите на Европската Унија. И во оваа насока, Владата го потенцира значењето на мудрите и проактивни политики, со цел натамошна афирмација и интеграција на македонскиот јазик, идентитет и култура, во демократските семејства на јазици, народи и култури“, се вели во соопштението на Владата.