Владата се координираше со ЕУ околу плановите за справување со мигрантите

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Фатмир Бесими, вчера одржал координативен состанок со претставниците на Европската унија (ЕУ), други земји и на организации-донатори, на кој тема биле плановите и начините за справување со мигрантската криза, соопштија денеска од кабинетот на министерот Бесими.

На состанокот, на кој присуствувал и министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, биле презентирани плановите на Владата за справување со бранот мигранти од Блискиот Исток и од Африка, а биле изложени и „конкретни процени на потребите“, од кои, како што било истакнато „дел веќе се обезбедуваат од сопствени извори и ресурси на земјата, како и преку поддршка од неколку меѓународни организации“.

Од кабинетот на Бесими информираат дека на состанокот било договорено таков да се одржува редовно, секој месец.

Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, и шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, денеска ќе учествуваат на министерскиот состанок на земјите-членки на ЕУ во Луксембруг, на кој ќе се разгледуваат конкретни планови за справување со бегалската криза.