Владата ја изедначи цената на акцизата на екстра-лесното масло со онаа на дизелот

(Фото: finance.bigmir)

Владата на вчерашната седница донесе одлука за изедначување на акцизата на екстра-лесното масло за домаќинство со акцизата на дизел горивото. Таа донесе изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за акцизите за време на вонредна состојба, со кои се изедначи акцизата на маслото за греење со акцизата на дизелот, кој се користи како погонско гориво, информираат од владината прес-служба.

Од Владата велат дека со оваа одлука ќе се оневозможи злоупотребата на користењето на гасното масло за греење спротивно на неговата намена. Притоа, истото ќе овозможи и сузбивање на сивата економија, заштита на животната средина, заштита на потрошувачите и пазарот од нелојална конкуренција и ќе се отстранат причините кои го оштетуваа државниот буџет, граѓаните како и компаниите кои работат со нафтени деривати.

Ваквата одлука е поздравена од „Макпетрол“, кој во своето соопштение вели дека со изедначувањето на акцизата ќе запрат злоупотребите што се прават екстра лесното гориво, што би било во корист на граѓаните, државата и трговците со нафта и нафтени деривати.

„Се надеваме дека пред истекот на важноста на оваа одлука, новиот собраниски состав ќе направи и измени во Законот за акцизи и еднаш засекогаш ќе се реши овој проблем“, се вели во соопштението на „Макпетрол“.