fbpx

Aко нема договор со ЕУ, можни се избори или референдум во Грција

-

Грција не отстапува од ставот дека нема намера да потклекне пред европските притисоци. Држењето до црвените линии, и од грчка и од европска страна, го намалува оптимизмот дека на утрешниот состанок на Еврогрупата може да се донесат конечни одлуки за Грција.

Грчкиот министер за финансии, Јанис Варуфакис, ја стресе јавноста со изјава дека доколку не успее да се најде никакво решение и ЕУ не го прифати новиот план на Грција, грчката влада може да распише избори или да направи референдум. Варуфакис ова го истакнал во интервју за весникот „Кориере дела сера“, на прашање што ќе прави Грција ако не се прифати ниеден нејзин предлог.

Изјавите на Варуфакис доаѓаат само еден ден пред состанокот на Еврогрупата, на кој треба да се одлучува што понатаму со грчкиот план.

– Како што има изјавено Алексис Ципрас, не сме залепени за нашите раководни столови –  додава Варуфакис во интервјуто, индиректно подвлекувајќи дека, за разлика од претходната влада, немаат намера да се откажат од нивните барања и да ги присвојат европските наредби за да останат на власт.

Весникот предизвика мала забуна бидејќи во изјавата на Варуфакис беше додадено дека размислуваат за референдум за напуштање на еврото, на што веднаш реагирааа и кабинетот на Варуфакис и кабинетот на Ципрас, појаснувајќи дека шпанскиот весник сам го додал зборот „евро“, без тоа да биде споменато од грчкиот министер.

Од Министерството за финансии појаснија дека Варуфакис го дал овој одговор само по неколку инсистирања од новинарот министерот да одговори што ќе направи Грција во најлошо можно сценарио доколку не се прифатат нејзините услови.

Од кабинетот на Ципрас дополнително појаснуваат дека немаат намера да се согласат со сè што ќе им наложи ЕУ.

Ваквите изјави, дел од новинарите и од аналитичарите ги оценуваат како загрижувачки, коментирајќи дека со ова владата на Ципрас само го поттикнува хаосот и неизвесноста што владеат за иднината на Грција.

Грција е во исчекување на новите одлуки од утрешниот состанок на Еврогрупата. Во пресрет на понеделничкиот состанок, Варуфакис испрати седум нови предлози.

Паралелно со мерките на Варуфакис, Ципрас викендов разговараше со првиот човек на Европската централна банка, Марио Драги, кому му посочил дека ЕЦБ не треба да потпаѓа под политички притисоци и треба да се однесува кон Грција еднакво како што се однесувала и со другите министри за финансии, а не да се менува односот само поради смената на владата.

Како што пренесуваат грчките весници, во Брисел нема големо воодушевување од предлозите на грчката влада. Повикувајќи се на извори од Брисел, весникот „Катимерини“ посочува дека европските институции се чудат зошто Грција губи време и не почнува да работи и да дебатира со техничките тимови за точно да се договорат обврските што ќе ги има.

„Еврогрупата ќе го пречека Варуфакис со тешки прашања и речиси јасно е дека утре нема да се донесе никаква одлука бидејќи ЕУ смета дека Атина нема направено никакви отстапки и чекор напред. Еврогрупата ќе сака да слушне од Варуфакис зошто Грција губи време и не почнува разговори со техничките групи? Зошто се повлекуваат мерки за штедење, зошто не се консултираат европските институции за составување нови закони?“, пренесува весникот. Оцената е дека Грција и по речиси два месеци преговори, повторно е на нула, без да има некакви конкретни договори и чекори за напредок.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.
Број 659 на стрипот „Алан Форд“ нацртан од Вероника Гуити. Фото: Мета.мк.

За прв пат во 55 години, стрипот „Алан Форд“ го црта жена

Со мајскиот, 659-ти број на култниот италијански стрип „Алан Форд“, издавачот и сценарист Макс Бункер ја претстави уметницата Вероника Гуити како нова членка на тимот. Во уредничкиот коментар во 659-тата...