В понеделник ќе биде врачена наградата „Роман на годината“

Годинашен лауреат е романот „Единствен матичен број“ од Лидија Димковска

Илустрација на фотографии од Струшки вечери на поезијата и Издавачки центар ТРИ

Во понеделник, на 20 мај, во Драмскиот театар во Скопје, со почеток во 19 часот и 30 минути ќе се одржи свечено врачување на наградата „Роман на годината“ за 2023 година што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.

Годинашен лауреат е романот „Единствен матичен број“ од Лидија Димковска. Одлуката за наградата ја донесе жири-комисијата во состав Влада Урошевиќ, Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева.

Свеченото врачување на оваа значајна награда, која ја започна „Утрински весник“ и ја доделуваше до неговото згаснување, а потоа ја презеде Фондацијата „Славко Јаневски“, ќе протекне и во знакот на големиот јубилеј, 25-годишнина од нејзиното постоење.

Во рамките на свеченоста ќе биде отворена изложба „25 години Роман на годината“ на која ќе бидат претставени сите дела – досегашни носители на ова признание. Станува збор за лична донација на Манчо Митевски на Фондацијата, која се состои од сите наградени дела со потписи и посвети на авторите. Манчо Митевски е еден од основачите на „Утрински весник“ и на наградата „Роман на годината“. Тој беше иницијатор за формирање на Фондацијата „Славко Јаневски“ со цел наградата да може да опстои и натаму.

Наградата се состои од плакета, оригинална статуетка (изработка на академскиот скулптор Сашо Саздовски) и паричен износ од 150.000 денари.