Утре бесплатен влез во музејските институции за Меѓународниот ден на музеите

Посетителите ќе можат да ги видат актуелните изложби и да се запознаат со движното културно наследство

Фото: Мета.мк

Музејските институции во земјава утре традиционално ќе ги отворат своите врати и ќе овозможат бесплатен влез за посетителите по повод 18 Мај, Меѓународниот ден на музеите.

Посетителите ќе можат да ги видат актуелните изложби и да се запознаат со движното културно наследство, соопштија од Министерството за култура.

„Музеите, освен својот придонес како платформа за размена на идеи и знаења, имаат значајна улога во образованието и се афирматори на темите што денес силно го засегаат светот, а кои чекаат да бидат истражени и споделени. Музејските институции ги поттикнуваат идните генерации на креативен, динамичен и интересен начин да се осврнат на комплексните општествени предизвици на денешницата, да се информираат за причините и последиците од човековото влијание врз природата и да развијат критичко размислување и лична одговорност неопходна за градење одржливо општество“, велат од Министерството за култура.

Мотото под кое утре ќе се одбележи Меѓународниот ден на музеите е „Музеи за едукација и истражување“. Овој ден е воспоставен од Меѓународниот совет на музеите – ИКОМ со седиште во Париз.