Ученички од средното верско училиште во Тетово протестираа за признавање на дипломите за запишување на факултет

Фото: Фисник Џелили, Порталб.мк

Ученичките од средното верско училиште во Тетово во петокот се собраа на градскиот плоштад и побараа државата да им ги признае дипломите за да можат да се запишат на универзитетите во земјава. Тие велат дека решението на нивниот проблем со години се одолговлекува и дека институциите не работат на негово решавање. И покрај тоа што во Собранието има предлог закон за решавање на овој проблем, неговото усвојување се одолговлекува, пишува Порталб.мк.

Иако нивниот собир на плоштадот беше најавен, ученичките не се собраа во најавеното време, туку со задоцнување. Според нив ваквото задоцнување е како последица на заканите и на притисокот за да не излезат, дури им била затворена и вратата на училиштето, поради како што велат, да не се крене врева за овој проблем, а истиот да се реши тивко, но според нив, ваквиот начин на решавање ќе трае многу долго.

Ученичките велат дека правото на образование како човеково право е загарантирано во сите меѓународни конвенции, почнувајќи од Универзалната декларација за човекови права. Но, според нив, ова право во Северна Македонија постојано се прекршува и на ученичките од средното верско училиште „Иса бег“ им е невозможно да ги продолжат студиите на државните и приватните универзитети во земјава.

Ученичката Асја Љазими вели дека за нив ова не е нов проблем, затоа што учениците на средното верско училиште „Иса бег“ со овој проблем се соочуваат уште од основањето на ова училиште.

„Морам да нагласам дека ова не е прв организиран протест за ова прашање. Но, овојпат погласно бараме оваа работа веќе да не се одолговлекува, бидејќи учениците се при крај со трпението, а општеството и државата губат голем човечки и професионален капитал“, рече ученичката Асја.

Тие од Министерството за образование, Исламската верска заедница на РСМ, политичките партии и граѓаните бараат да го поддржат нивното барање за образование.

„Ние сме убедени дека решение има, сè што е потребно е воља за решавање на проблемот. Го бараме нашето право на образование, бараме рамноправност, ништо повеќе од тоа“, рече ученичката.

Тие додадоа дека имаат морална подршка од професорите, но тие нема да излезат да протестираат. Додаваат дека побарале решение од Исламската верска заедница од каде што им рекле дека ќе го решат проблемот, но секогаш се случува нешто што го оневозможува тоа”.

Како подршка за учениците на плоштадот беа излезени и родители.

„Овој проблем треба што побрзо да се реши бидејќи учениците и понатаму остануваат без акредитирано средно училиште. Не е направено тоа што требаше да се направи. Ветија дека проблемот ќе се реши, дека е доставен од Владата до Собранието, но ништо не е преземено. Не може да оди на факултет, сака да се запише на тетовскиот универзитет, но не може“, изјави родител на една ученичка.

Сличен протест имаше и пред година и пол. Учениците од средното верско училиште од Тетовското муфтиство побараа решавање на овој проблем, затоа што, како што рекоа, тоа им било ветено кога се запишале на оваа училиште. Но не добиле решение.

На прашањето на Порталб.мк околу овој проблем, до завршувањето на овој напис од Исламската верска заедница не добивме никаков одговор.

Овој проблем го имаат и средните православни верски училишта, не само исламските.

Што е проблемот?

Учениците кои завршуваат верски средни училишта, како медреси или православни богословски училишта, не можат да се запишат на универзитетите во земјата, бидејќи нивните дипломи не се признаваат, односно не се признати од државата, а истите тие ученици можат да се запишат на универзитетите во регионот или во Турција.

Кога овој проблем постана тема на дискусија за вклучување на веронауката во образовниот систем на државата, паралелно се покрена и прашањето за секуларноста на државата.

Ставот на централните институции

Од Владата на Северна Македонија за Порталб.мк велат дека од страна на група пратеници поднесен е Предлог на Закон за установите за средно образование на верските заедници со кој треба правно да се регулира работата на верските училишта.

„За Предлог-измените на Законот Владата на Република Северна Македонија даде позитивно мислење и истите се во собраниска процедура“, изјавија од Владата.

Од Министерството за образование и наука (МОН) иако ни рекоа дека ќе дадат одговор во врска со оваа прашање, одговор сè уште нема. Всушност, ова не е прв пат оваа институција да постапува на ваков начин.

И од Собранието немаше одговор на новинарските прашања.

Иницијатива за решавање на проблемот

За решавање на овој проблем, пратеничката група на Демократската унија за интеграција лани во јули во Собранието поднесе предлог-закон за средно образовни установи на верските заедници. Во септември минатата година овој предлог-закон беше претставен пред Комисијата за образование во Собранието, и со кој се предвидува исламските средни училишта и православните богословски училишта да бидат дел од државниот систем, да се финансираат од буџетот и нивната образовна програма да биде под контрола на институциите.

Со овој предлог-закон се предвидува наставната програма во овие училишта да има 55 отсто од предметите од средното образование и 45 отсто од предметите за веронаука.

Доколку би се усвоил, овој закон на учениците ќе им овозможи да се запишат како на верските факултети, така и на оние на кои што се изучуваат општествени и хуманистички науки.

Но, седницата на Комисијата за образование во Собранието во септември не се одржа, а ни ден денес не е одржана.

Во документот во продолжение можете да видите што предвидува овој предлог закон.

Политичките партии го поддржуваат решавањето на овој проблем, но не ги забрзуваат активностите 

На прашањето за горенаведениот предлог-закон пратениците и политичките партии велат дека го поддржуваат решавањето на ова прашање.

Пратеничката од редовите на Демократската унија за интеграција, Фиснике Бектеши Шаќири, која е дел од пратениците кои го предложија овој предлог закон, за Порталб.мк вели дека така постапиле бидејќи врз основа на Уставот како највисок правен акт на државата, сите граѓани се еднакви во слободите и правата, на сите им се гарантира слободата на изразување на вероисповед, како и тоа дека верските заедници и религиозните групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот.

„Поради правната недоследност, која со години им оневозможуваше на учениците од овие училишта да го остварат правото на образование под еднакви услови со другите ученици вклучени во функционалниот систем на средното образование, се наметнува потребата од законско уредување на ова прашање кое ќе гарантира еднаквост во целиот образовен процес. Демократската унија за интеграција покажа подготвеност овој Предлог-закон да биде изгласан во Собранието. Предлог-законот е во прво читање во Комисијата за образование, наука и спорт, затоа Демократската унија за интеграција апелира Комисијата за образование, наука и спорт во најкраток можен рок да ја свика седницата на која овој предлог закон ќе биде на дневен ред. Апелираме и до сите други политички партии да го поддржат овој предлог-закон и што поскоро да го усвојат овој предлог-закон“, изјави пратеничката Бектеши Шаќири.

Според неа, со овој Предлог-закон ќе се овозможи учениците кои завршиле или завршуваат образование во овие верски училишта да го продолжат своето образование во дел од високообразовните институции во Република Северна Македонија и во другите европски земји и насекаде во светот.

Од друга страна, пратеникот од Алијансата за Албанците, Халил Снопче, за Порталб.мк изјави дека за овој случај најпрвин реагирал кај народниот правобранител, бидејќи според него народниот правобранител мора да ги заштити интересите на децата на кои им е дозволено да го продолжат своето средно образование, за потоа да не можат да го продолжат образовниот процес и да се запишат на универзитетите во државата. Тој појасни дека за ова реагирал и во Собранието.

„Ние всушност не го користиме капацитетот и потенцијалот на младите, во верските училиштата има околу 500 ученици, со ова ја стимулираме и миграцијата, бидејќи ако некој млад човек не се запише на факултет тука, тогаш ќе оди некаде каде што ќе може“, оценува Снопче.

Што се однесува на предложениот закон за овој проблем, тој нагласува дека седницата на Комисијата за образование не се одржала бидејќи не присуствувале пратениците на ДУИ и на СДСМ, и дека оваа седница сè уште не е одржана.

Снопче рече дека разговарал и со министерот за образование и премиерот и дека е предложено тој да биде претседател на оваа комисија. Тој е оптимист дека овој проблем наскоро ќе се реши и дека се работи во оваа насока.

„Верувам дека не е измама. Имам информации дека е во тек“, рече Снопче.

Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија (СДСМ) не одговори на прашањата на Порталб.мк по однос на овој проблем.

Од ВМРО-ДПМНЕ за Порталб.мк потенцираат дека владејачкото мнозинство СДСМ и ДУИ има одговорност да отвори расправа за оваа тема.

„Но, она на што сведочиме во Собранието е хаос и нефункционално мнозинство кое нема желба за решавање на ниеден проблем на граѓаните. Воедно, очекуваме во иднина образовните експерти да дадат соодветен инпут на оваа тема.Она што ВМРО-ДПМНЕ го има како континуиран став е дека сите ученици треба да имаат можност да го продолжат своето образование во насока на нивната одлука што ја донеле кога се запишувале во истото”, изјавија од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Движењето Беса за Порталб.мк велат дека го поддржуваат петочниот протест на учениците од средното верско училиште во Тетово. Тие потсетуваат дека кога беа дел од Владата, во решавање на овој проблем бил вклучен поранешниот заменик министер за образование, Арафат Шабани и дека тие понудиле решение.

„Тогаш ИВЗ поверува во фикциите на владејачката партија ДУИ, дека оваа работа ќе биде регулирана со закон, а во моментот кога предлог законот требаше да одбрани од страна на предлагачот во комисијата за образование, предлагачот не се појави на седницата на комисијата и со тоа пропадна обидот да се усвои закон со кој ќе се овозможеше акредитација на медресето и да се реши проблемот на тие ученици. Во меѓувреме, нашиот предлог беше поедноставен и полесен за спроведување, но тие веруваа во ДУИ и еве сега сме без решен статус“, велат од Движењето Беса.

Од таму додадоа дека се подготвени и имаат политичка волја да го решат овој проблем и дека ги поддржуваат учениците и нивните напори за остварување на човековите права и слободи.

Бидејќи пратеникот на АА спомна дека решение за овој проблем побарал и од Народниот правобранител, стапивме во контакт и со неговата канцеларија, но до објавувањето на овој напис не добивме никаков одговор.

Инаку, воведувањето на средните верски училишта во државниот систем се одолговлекува со години. Имаше една иницијатива во 2009 година кога во државниот систем беа воведени верските факултети, но ништо конкретно не се направи за средните верски училишта. И во 2015 година имаше обиди да се реши ова прашање, но повторно без никаков конкретен резултат.