Триста приватни специјализанти годинава ќе се вработат во јавните здравствени установи

Првите вработувања ќе бидат понудени на специјализантите од четврта, петта и шеста година на специјализација

Photo by Hush Naidoo Jade Photography on Unsplash

Владата на вчерашната седница ја усвоила информацијата за вработување на 600 приватни специјализанти кои ќе работат во јавните здравствени установи во државата – триста годинава и уште толку следната.

Како што соопштија од Владата, Министерството за здравство е задолжено да ги формулира критериумите по кои ќе се вработат специјализантите во две фази, во наредните две години.

„На овој начин ќе се даде шанса за млад здравствен кадар во македонското здравство, активно ќе се влијае за намалување на метежот во здравствените институции и ќе се излезе во пресрет на долгогодишните барања за доекипирање на здравството“, велат од Влада.

Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари (АСМЛ) информираше дека утрово оствариле средба во Министерството за здравство, на која се дискутирало за критериумите за вработување на приватните специјализанти.

Од таму велат дека првите 300 вработувања ќе бидат понудени на специјализантите од четврта, петта и шеста година.

„Критериуми ќе бидат година на специјализација, вид на специјализација и просек. Истите ќе се вршат според место на живеење. Доколку бројката од 300 вработувања не се исполни со специјализанти од 4, 5 и 6-та година, ќе се оди на подолните години. Следната година ќе има уште 300 вработувања. Колегите кои нема да прифатат вработување засега ќе останат со истите услови. После двата конкурса за вработување, ќе се види колку ќе останат невработени, па тогаш дополнително ќе се одлучува за висината на плата“, се вели во соопштението на АСМЛ.

Од таму додаваат дека условите за договорите ќе бидат согласно сегашниот закон за здравствена заштита, онака како што е наведено при вработување на државните специјализанти.