Ова не е првпат во објава на Фејсбук да се злоупотребуваат државните симболи на Република Северна Македонија и називот на нејзиното Министерство за здравство, за читателите да се убедат дека тука се работи за легитимна програма која ќе им помогне да ги решат своите здравствени проблеми. Најновата измама води до веб-страница на која без никаква смисла се нуди обука (и тоа скапа) за баристи и мајсторско изготвување на кафиња од некаква фирма по назив „BrewCraft“, пишува Вистиномер.
Текстот го објавуваме во целост:
Во објава на социјалната мрежа Фејсбук е вметната слика (да го наречеме тоа рекламен банер), врз која е додаден текст, а тој ни порачува:
ДОБИЈТЕ ПОМОШ ВО БОРБАТА ПРОТИВ ХИПЕРТЕНЗИЈАТА ПРЕКУ СОЦИЈАЛНАТА ПРОГРАМА „ПОМОШ“
Вистиномер веќе има откриено мошне слична измама, но во оваа најновата сепак има некои разлики, најпрвин визуелни (во смисла на дизајнот и боите на банерот), но и некои други и многу побитни. За тоа полесно да се сфати, погледнете скриншотови од обете објави (линковите: тука и тука).
И кај старата измама и кај оваа новата, на банерот е наведен истиот текст којшто погоре го цитиравме и се злоупотребени државните симболи на РС Македонија (грбот и знамето), како и називот на нејзиното Министерство за здравство, што кај читателите треба да побуди доверба дека се работи за легитимна програма.
Во обата случаја, тоа е наведено како „Министерство за здравство на Македонија“ без придавката „Северна“ и без „Република“, а тешко дека еден наш државен орган би се претставил себеси на таков начин.
И кај старата и кај новата измама, на банерот е претставено копче, со чие кликнување читателот ќе биде одведен на одредена веб-страница, на која ќе добие повеќе информации за таа програма. Кај старата измама, на тоа копче пишуваше:
Побарајте помош сега
А кај новата измама, на копчето без никаква смисла пишува:
ДОБИЕ
Пораката е дека таму можете да добиете помош за вашите здравствени проблеми, но начинот на кој тоа е напишано не соодветствува на нашиот јазик. Она претходно цитираното делуваше многу посоодветно, иако и таму се работеше за измама.
Понекогаш, авторите на ваквите измами не се од нашите простори и користат компјутерско преведување, кое често дава такви непрецизни резултати и тешко дека вакво нешто би објавило Министерството за здравство.
Со клик на копчето, читателот ќе биде одведен на една сомнителна веб-страница, која не препорачуваме да ја посетувате. Кај старата измама, тоа беше веб-страницата: https://mk5.teaequisphere.pro, а кај новата измама тоа е: https://mk2.teaequisphere.pro.
Иако веб-адресите се слични, содржината која таму ве чека е, сепак, различна. Кај старата измама, таму ве чекаше некаков тест, кој како награда нудеше лековит чај Hypertea со голем попуст (за само 1.200 денари, наместо за 12.000 денари), а кај новата измама, без никаква смисла се нуди обука (и тоа скапа) за баристи и мајсторско изготвување на кафиња од некаква фирма по назив „BrewCraft“.
Сево ова е крајно несериозно, а такви се и сомнителните Фејсбук-страници на кои се објавуваат ваквите измамнички објави. Во најновиов случај, тоа е Фејсбук-страница која наводно му припаѓа на некој лекар од САД, д-р Кол Волкер, па можеби се работи за украден или измислен идентитет. Страницата е крајно скромна и со мал број на следачи, а да го истражуваме сето тоа нема смисла, затоа што тоа дефинитивно нема никаква врска со Министерството за здравство на РС Македонија.
Министерството си има официјален веб-сајт и официјална Фејсбук-страница, обележана со специјален син беџ како верификувана, па нема смисла да им се обраќа на граѓаните на таков чуден начин, преку профил на некој (за нив непознат) американски лекар.
Иако поупатените корисници на Фејсбук лесно ги воочуваат лажните објави, тоа не им успева на сите, за што сведочи следниов коментар под објавата што сега ја рецензираме:
Ako ste humani pishete gi na recepta
Ова ни кажува дека претходно на сомнителната веб-страница, кон која води копчето во објавата, биле претставени медицински препарати, а не нешто поврзано со баристи и кафиња како сега, т.е. на таа веб-страница имало некакви промени, бришења и сл.
Авторот на коментарот, кого пред малку го цитиравме, помислил дека објавата е навистина од Министерството за здравство, па му упатил критика што тие препарати не ги дава на рецепт. Ова е доказ дека ваквите објави, сепак можат да ги залажат граѓаните.
Заедничко за сите овие измами е тоа што на крај, читателот ќе треба да плати одреден производ или услуга, по што измамниците ќе му ја злоупотребат платежната картичка.
Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата што ја рецензиравме ја оценуваме како невистинита.