Вчера, за само два и пол часа, од страна на мобилна медицинска екипа во Скопје биле направени 150 прегледи со фиброскен, соопшти Министерството за здравство, откако од вчера ја започна кампањата за бесплатен и анонимен скрининг за Хепатитис Б, Ц и ХИВ, како и еластографија за хронични црнодробни заболувања.
Заедничката кампања се спроведува во соработка со Клиниката за гастроентерохепатологија и невладината „Хепар Центар – Битола“.
При тестирањето, кај десет граѓани биле забележани знаци на цироза и тие веднаш биле упатени да извршат дополнителни прегледи на Клиниката за гастро.
Мобилната екипа вчера попладне била лоцирана на градскиот плоштад во Куманово. Денеска, пак, ќе биде во Гостивар – од 9 до 11 часот, а попладне можност за превентивен преглед, од 17:30 до 19:30 часот ќе имаат и граѓаните од Струмица.
Во следниот период, тестирањата ќе продолжат во Струга, Охрид, Битола и Кавадарци, соопштија од Министерството за здравство.