Енергетската сиромаштија е значително поприсутна во централна, источна и југоисточна Европа, покажува ново истражување. Преку Renovation Wave програмата (во превод: Реновациски бран), ЕУ има можност да се справи со овој проблем што во моментов влијае на 150 милиони луѓе низ целиот континент. Преку оваа програма ЕУ има за цел да вложи во обнова на стари згради за подобрување на нивната енергетска ефикасност.
Новиот извештај објавен од Центарот за проучување на демократијата (ЦСД) го обелодени степенот на енергетска сиромаштија во централна и источна Европа (ЦИЕ) и југоисточна Европа (ЈИЕ).
Според Прирачникот за енергетска сиромаштија:
„Енергетска сиромаштија најчесто подразбира кога едно лице или домаќинство не е во состојба да го загрее или напои својот дом до прифатлив стандард по прифатлива цена. Во реалноста, дефиницијата за енергетска сиромаштија опфаќа многу широк сет на основни активности. Може да се значи ако луѓето не можат да си дозволат соодветно да ги загреат своите домови, но и да ги ладат во жешки периоди. Или дека не можат да си дозволат да готват топли оброци, да имаат топла вода за бањи и перење облека или пак да не можат да користат основни домашни апарати (машини за перење, пегли, телевизори, компјутери, итн.)“.
Иако ретко се дискутира, се проценува дека некаде помеѓу 50 до 150 милиони луѓе низ континентот живеат во такви услови.
Во ЦИЕ/ЈИЕ, процентот на домаќинства кои „не можат соодветно да ги загреат домовите“ е значително поголем од оние во остатокот од Европа, со Бугарија (33,7 отсто) и Литванија (27,9 отсто) на врвот на листата во споредба со просекот на ЕУ од 7,3 отсто.
Друга карактеристика на енергетската сиромаштија е „заостанати долгови на сметките за комунални услуги“. Просекот на ЕУ за ова е 6,6 отсто, но многу повеќе домаќинства во Грција (35,6 отсто), Бугарија (30,1 отсто), Хрватска (17,5 отсто) и други земји од ЦИЕ/ЈИЕ не можат да си дозволат да ги платат сметките на време.
Енергетска сиромаштија во Северна Македонија
Енергетската сиромаштија во Северна Македонија е голем проблем бидејќи загрижувачки голем дел од популацијата на земјата се обидува да ги одржува домовите соодветно затоплени и/или има проблеми со плаќање на сметките за енергија. Во 2014-та година, повеќе од 40.000 домаќинства имале проблеми со плаќање на сметките.
Во 2018 година, речиси една четвртина од жителите на земјата изјавиле дека не се во можност да ги одржат своите домови топли. Ова ја рангираше Северна Македонија како трета држава на Европскиот континент по големината на овој проблем.
Зошто работите се толку лоши во овој регион?
Постојат голем број на фактори кои придонесуваат за влошување на состојбата со енергетската сиромаштија во регионот.
Високи стапки на сопственост на живеалиштата
Во раните 90-ти години, со падот на комунизмот и распаѓањето на социјалистичка Југославија, многу луѓе беа охрабрени да ги купат имотите на кои живеат преку различни програми за приватизација и „подарување“. Благодарение на различните програми и модели на плаќање, многу можеа да ги купат домовите во кои живееја по многу ниски цени.
Како резултат на ова, сопственоста на имотот во земјите на ЦИЕ и ЈИЕ е повисока отколку во многу западноевропски земји. Романија се наоѓа на врвот на листата со 96 отсто сопственост на куќи. Во 2019 година, стапката на сопственост на домови во Северна Македонија изнесуваше 85,9 отсто. Словенија има најниска стапка во регионот со 67,3 отсто.
Проблемот е што многу од овие земји оттогаш се економски нестабилни под сегашните неолиберални економии. Голем дел од населението во регионот поседува имот во кој живее, многумина не можат да си дозволат да ги одржуваат и реновираат своите живеалишта кога е потребно. Како што овие згради и куќи продолжуваат да се распаѓаат, така е многу потешко истите да се затоплат или да се оладат, а многу домаќинства се борат да платат комуналии од месец во месец.
Енергетска сиромаштија во руралните области
Извештајот откри повисоки стапки на енергетска сиромаштија во руралните области во регионот. Општо земено, 40-50 отсто од населението во повеќето земји од ЦИЕ и ЈИЕ живее во руралните области (вклучувајќи 42 отсто од населението на Северна Македонија).
Извештајот на Европската опсерваторија за енергетска сиромаштија во 2019 година откри двојно повеќе од заостанатите долгови за комунални услуги во области со мала густина на население, како и повисоки стапки на сиромаштија и невработеност. Домувањето во руралните области често има многу ниска пазарна вредност што го прави инвестирањето во реновирање и подобрување на енергетската ефикасност во овие домови финансиски неисплатливо.
Монтажни станбени блокови
Помеѓу 1960-тите и 1980-тите години, имаше експанзија во изградба на повеќесемејни, монтажни станбени блокови во регионот на ЈИЕ/ЦИЕ. Земајќи го во предвид фактот дека особено овие згради се енергетски неефикасни, значи дека е потребно повеќе енергија за истите да се одржат топли или ладни.
Многу често, овие домови се заглавени и во систем на централно греење без можност за промена на давателите на услуги. Ова ги остава жителите немоќни (особено домаќинствата со ниски примања) да направат промена на давателот на енергија во случај на зголемување на цените за енергија, бидејќи се работи за деградирачки енергетски систем со малку или никакви инвестиции и подобрувања од страна на креаторите на политики.
Енергетска сиромаштија и Ромските заедници
Ромските заедници, веќе системски обесправени, се првите кои ги загубија своите работни места и станаа социјално маргинализирани за време на транзицијата кон капитализмот во доцните 80-ти и раните 90-ти.
Многу Роми живеат во услови на екстремна сиромаштија, често во згради што се импровизирани и/или пренатрупани, со многу ниска енергетска ефикасност. Многу од овие домови се наоѓаат во групи надвор од градовите или во руралните области без можност за поврзување со националната енергетска мрежа.
Без документи за идентификација и живеење во домување кое не е официјално признато од државата, многу Роми немаат можност да пристапат до соодветни енергетски можности или погодности за достоинствено домување.
Реновациски бран на ЕУ
Како дел од Европскиот Зелен договор и плановите на ЕУ за борба против климатската криза, Унијата ја започна програмата Реновациски бран. 75 отсто од зградите на ЕУ не се сметаат за енергетски ефикасни бидејќи зградите (како јавните така и приватните) се одговорни за една третина од емисиите на јаглерод во ЕУ.
Во моментов, само 1 отсто од зградите се подложуваат на енергетски ефикасни реновирања секоја година. Преку Реновациски бран програмата, ЕУ ќе поддржи проекти за реновирање и се надева дека двојно ќе ги зголеми стапките на реновирање во следните 10 години.
13 препораки за подобро справување со енергетската сиромаштија во Централна и Источна Европа
Како дел од извештајот за енергетска сиромаштија во ЦИЕ и ЈИЕ, Habitat for Humanity и Центар за проучување на демократијата (ЦСД) дадоа 13 препораки за тоа како ЕУ може да гарантира успех во имплементација на Стратегијата Реновациски бран во справувањето со енергетската сиромаштија во ЈИЕ и ЦИЕ регионот.
Посилен фокус на енергетската сиромаштија
- ЕУ треба да ги обврзе своите земји-членки да посветат поголемо внимание на домаќинствата погодени од енергетска сиромаштија преку програми како што се Modernisation Fund and the Recovery (во превод: Фонд за модернизација) и Resilience Facility (RRF) (во превод: План за обновување и отпорност).
- При распределбата на средства, Европската комисија (ЕК) треба да осигура дека ќе се даде фер износ за најпогодените областите од енергетска сиромаштија, вклучувајќи:
а. Рурални региони
б. Во урбаните области кои се карактеризираат со голем број на монтажни станови од времето на социјализмот
в. Маргинализирани и сегрегирани заедници како што се Ромите
Потребни се соодветни инвестиции за финансирање
3. Финансирањето треба да обезбеди повеќе од покривање само на физички реновирања. Треба да се земат во предвид и други нешта како што се потребите и/или сопственост на имот. Енергетски сиромашните и домаќинствата со ниски приходи треба да бидат особено таргетирани од страна на ваквите програми.
4. Голем процент од домаќинствата со ниски приходи се исклучени од мрежата и користат цврсти горива за греење, што ги прави неподобни за финансирање преку можните програми за поддршка. Оваа празнина треба да се пополни.
5. Финансирањето на домаќинствата со ниски приходи треба да биде придружено со енергетски ревизии од големи размери и совети за однесување во врска со енергијата.
6. Мали подобрувања на енергетската ефикасност и интервенции во однесувањето, треба да бидат дел од одделни или комплементарни интервенции.
7. Преку програмата Реновациски бран и други извори на финансирање, земјите-членки на ЕУ треба да поддржат надградба на грејачи и котли со цел да се даде приоритет на постепено отстранување на неефикасните и загадувачки уреди.
8. Зградите бараат строги стандарди за минимална ефикасност, но ова може да биде пречка кога станува збор за домување на домаќинства со ниски приходи. Затоа, треба да се стави на располагање финансирање посебно наменето за овие домаќинства.
Политиките на ЕУ треба да ја решат енергетската сиромаштија
9. Воспоставена е рамка, Директива за Еко-дизајн која промовира ефикасни уреди и наметнува построги стандарди за грејачи на простор со цврсто гориво. И ова, негативно ги погодува ранливите домаќинства. Законодавството на ЕУ треба да се надополни со соодветни мерки и средства за да им помогне на таквите домаќинства да се придржуваат кон регулативите.
10. За да се добие подобра слика за реалноста на енергетската сиромаштија и соодветно да се справи со истата, потребно е подетално и прецизно собирање и управување со податоци за згради и други социоекономски показатели.
11. Комисијата треба да обезбеди земјите-членки да ги надминат таргетите поставени во сегашните НЕКП (Национални планови за енергија и клима) и да ја следи и контролира енергетската сиромаштија. За жал, земјите од регионот ЦИЕ/ЈИЕ досега во голема мерка го игнорираат овој дел.
12. Директивата на ЕУ за обновлива енергија треба целосно да го искористи потенцијалот на обновливите извори на енергија и овозможи енергетските заедници да се справат со енергетската сиромаштија.
13. Стратегиите и законодавството на ЕУ треба да стават акцент на локалните администрации за справување со енергетската сиромаштија преку дејствија за енергетска ефикасност, донесување локални одлуки, распределба на буџетот, директен пристап до европските фондови и иновации во носењето на политики.
Овој напис е објавен во The Climate Herald, а негов автор е Џеј Ди Фаруџиа. Преводот и адаптацијата на написот е на Симона Гетова.