ВМРО и СДСМ стојат на своите позиции и тешко ќе се постигне договор додека трае оваа бриселска рунда, информираат извори блиски до преговорите.
И двете страни се цврсти во своите барања, а извори блиски до опозицијата велат дека предлозите, какви што се моментално, не ги задоволуваат нивните критериуми бидејќи тие би значеле дека Груевски би ја задржал „контролата врз системот“, но не сакаа да прецизираат на кои ресори точно се мисли.
Опозицијата бара „деинсталирање“ на системот на ВМРО-ДПМНЕ.
– Досега тој тврдеше дека не смее да отстапува за да го зачува образот, но сега е јасно дека тој не сака да отстапи за да не ја изгуби контролата – велат извори блиски до опозицискиот СДСМ.
Двете страни најверојатно ќе преговараат до доцна, но нема гаранции дека ќе се постигне договор вечерва.
– Нема да прифатиме договор само затоа што нè притиска времето – велат изворите.