Судири меѓу полицијата и демонстрантите во Лондон

Илјада активисти кои синоќа се собраа во центарот на Лондон за да учествуваат во антикапиталистичките демонстрации „Марш на милион маски“, се судрија со полицијата.

Демонстрантите фрлале петарди и шишиња кон полицијата, а неколку од демонстрантите добиле повреди откако полицијата се обидела да го сопре маршот. Тројца мажи се уапсени бидејќи се однесувале сомнително и е утврдено дека имале ножеви и димни бомби, соопшти полицијата.

Демонстрантите, од кои многумина носеле бели маски на меѓународната мрежа „Анонимус“ и извикувале „Едно решение – револуција“ и „Чии се улиците – наши улици“, се судриле со полицијата пред Бакингемската палата и канцеларијата на британскиот премиер, Дејвид Камерон.