Студентските билети за бесплатен јавен превоз ќе важат и ќе можат да се продолжуваат до февруари

Фото: Борче Поповски
Фото: Борче Поповски

На барање на Универзитетското студентско собрание (УСС) при УКИМ, ЈСП соопшти дека го продолжува рокот на студентските билети за бесплатно користење на јавниот превоз. Наместо до крајот на годинава, заклучно со 31 декември, како што беше досега, студентите ќе можат своите годишни картички да ги користат и да ја продолжат нивната важност до крајот на февруари 2021 година.

Од ЈСП за „Мета.мк“ изјавија дека годинава можноста за продолжување на важноста на билетите за бесплатно користење на јавен превоз е овозможена уште од месец ноември, односно два месеца порано отколку што беше пракса досега.

„Токму, со цел да се избегнат евентуални гужви поради Ковид-19, годинава се дозволи продолжувањето да започне порано од вообичаеното. Тоа не важи само за посочениот тип билети, туку и за продолжувањето на важноста на билетите за возрасни и други типови билети чија важност се продолжува/заверува“, велат од ЈСП.

Од таму додаваат дека излегувањето во пресрет на барањето на УСС, не е поради создавањето гужви, туку поради неможноста на дел од студентите навремено да ја обезбедат неопходната документација за продолжување на важноста на билетите, која ја издаваат матичните факултети и чија процедура често е забавена, одложена и усложнета поради актуелната ситуација.

Студентите можат да го продолжат билетот во центрите за персонализација на ЈСП, а тоа можат да го направат со потврда за редовен студент и со заверен зимски семестар.

ЈСП апелираше студентите и другите корисници на јавниот превоз навремено да ја обезбедат потребната документација со цел да го испочитуваат дадениот продолжен рок за продолжување на важноста на билетот. Право на користење на бесплатен билет имаат сите редовни студенти на додипломски студии на државните факултети во главниот град.

Во однос на бесплатниот превоз за средношколците, од ЈСП соопштија дека за време на зимскиот распуст билетите нема да важат.

„Средношколците од прва година, од почетокот на второто полугодие, јавниот превоз бесплатно ќе можат да го користат само со персонализирана картичка „Скопска“, односно од петок (01.01.201 год) прекинува да им важи времениот хартиен билет“, известија од ЈСП.