Стојан Николов, најмладиот градоначалник: Младите да излезат од зоната на комфорот, спасот не е надвор од државата

Стојан Николов, Општина Росоман
фото: Стојан Николов /лична архива

Учеството на младите како кандидати на политичките партии во изборните циклуси останува да биде минорно, а во скопските општини речиси и да не постои. На последните локални избори само 3 отсто од кандидатите за градоначалници беа млади. Најголем дел од нив, или повеќе од две третини беа предложени во рурални општини, покажа истражувањето на Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД).

Според ова истражување, просечната возраст на новоизбраните градоначалници во земјава изнесува 42,67 години.

И анализата што ја направи Мета.мк во однос на возраста на првите луѓе на општините откри приближна бројка. Нашите пресметки покажаа просечна возраст од 42,78 години. Просечната возраст беше пресметана врз основа на возраста на градоначаниците и градоначалничките во моментот на стапување на функциите во ноември 2021 година. При анализата, не се земени предвид информациите за градоначалниците на Долнени (Урим Ибески, ДУИ) и Радовиш (Ацо Ристов, ВМРО-ДПМНЕ), за кои не најдовме јавно достапни информации и биографии, а ни општините, ниту политичките партии, одговорија на прашањата на Мета.мк.

Највозрасен помеѓу новите градоначалници е градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, кој има 64 години. Помеѓу највозрасните градоначалници се и Љупчо Папазов од Кочани, со наполнети 61 година и Борче Митевски од Петровец, кој во моментот на стапување на функцијата минатиот месец имал 60 години.

Од друга страна, најмлада личност во земјава која во моментов ја извршува функцијата Градоначалник е градоначалникот на Општина Росоман, Стојан Николов. Во моментот кога доаѓа на позицијата прв човек на општината, Николов има 24 години.

Покрај него, единствен градоначалник кој има помалку од 30 години е и Ѓорѓе Божинов – градоначалник на Ново Село. Тој при стапувањето на функцијата има 29 години. Помеѓу најмладите градоначалници во земјава се и градоначалниците на Струмица и Карбинци, кои имаат 31 година, Аеродром и Могила (32 години), Штип и Бутел (33 години), Валандово, Врапчиште и Крива Паланка (34 години).

Мета.мк разговараше со Стојан Николов за неговиот пат од поднесувањето на кандидатурата до стапувањето на функцијата, за неговите идеи, визии и заложби за општина Росоман како млад градоначалник, но и за потребите на младите во земјава и нивното учество во општествените процеси.

Стојан Николов, Општина Росоман
фото: Стојан Николов / лична архива

Што ве мотивираше да влезете во битка за највисоката локална позиција? Колкава е одговорноста да се биде градоначалник на 24 години?  

Николов: Главниот мотив, како млад човек, ми беше преку развој на општината да обезбедам подобри услови за младите да останат да живеат и основаат семејства токму во Росоман. Дополнителен мотив ми беше и тоа што сметам дека нашата општина има одлична местоположба и многу ресурси, кои што, доколку се искористат правилно, Росоман може да прерасне во многу развиена општина. За жал, поради повеќе причини, мое лично мислење е дека потенцијалот на Општина Росоман не е искористен доволно во изминатите години. Во разговорите што ги имав со пријателите и жителите на општината пред да се кандидирам, сфатив дека со добра организација можеме да ги смениме на подобро работите во нашата општина. Одговорноста да се биде градоначалник на 24 години е навистина огромна за еден млад човек, но и мотивирачка, бидејки граѓаните ми ја дале довербата мене како млад човек, за конечно решавање на клучните проблеми со кои се соочува општината.

Колку беше тешко, како млад човек, прво да ги убедите поискусните во партијата дека сте вистинскиот кандидат за татко на општината, а потоа и граѓаните, да гласаат за млад човек на локални избори?

Николов: Да се добие кандидатурата во рамки на партијата е еден процес кој пред сè, на локално ниво, во рамки на вашата партија бара да ги убедите членовите дека вие имате програма што можете да ја реализирате, но треба да ги уверите, бидејќи тие знаат дека сте многу млад, да веруваат во она што го зборувате. И тоа е навистина еден исклучително тежок процес, затоа што сите имаат одредени резерви кога станува збор за млад човек.

Откако ја добив довербата во партијата како кандидат, започна еден процес на убедување на гласачите, на граѓаните, дека тоа што вие го зборувате, можете и да го реализирате. И навистина, во овој дел е потребна огромна поддршка, тука е потребно искуството на повозрасните кои ќе ве науачт како на некој начин да го пренесете тоа што го планирате и ветувате до граѓаните, за  да можат граѓаните тоа да го препознаат и да излезат да гласаат на изборите. И во овој дел навистина имав голема поддршка од поискусните во партијата, но и од мојот тим кој беше составен од помлади луѓе. Сето ова е еден процес што за млад човек е навистина тежок, постојано сте во комуникација со многу луѓе, со многу проблеми, со многу предизвици со кои претходно животното искуство не ве соочило. Мислам дека она што беше најмногу важно за мојата изборна победа и на мојот тим, беше тоа што успеавме на граѓаните директно да им го претставиме она што ние го планираме за наредните четири години за општината.

Откако станав градоначалник, она со кое се соочив и не мислев дека ќе биде така, е тоа што го затекнав во мојата општина. Јас, како млад човек што сака работите да одат многу брзо и веднаш да се реализираат, веднаш сфатив дека тоа не оди така лесно и дека сè си има процес и си бара време. Најпрво треба да се состави тим со кој ќе работите, и дури потоа да влезете во фаза на реализација на она што сте го ветиле. И навистина одговорноста е огромна, не носите одлука само за младите, носите одлуки и за пензионерите, за средните генерации, за земјоделците, за сите. Носите одлука за сите граѓани за Општина Росоман, а пред сè, како млад градоначалник морате да мислите и за младите.

Каква општина е Росоман, како би ја опишале вие и каква е вашата визија за општината?  

Николов: Општина Росоман е мала општина во која што живеат вредни и чесни луѓе, но она што за мене е најединствено за општината е тоа што сите сме поврзани на некој начин меѓусебно, до степен што сите си помагаме во решавањето на нашите проблеми, заедно тагуваме и заедно се радуваме. Мојата визија за Општина Росоман е таа да прерасне во една модерна современа општина која ќе им даде шанса на младите да градат кариери токму тука, да се отвораат нови работни места, земјоделците да имаат каде да ги пласираат своите производи. Да биде општина во која младите ќе имаат младински културен центар, пензионерите простории за дневен престој, земјоделците здруженија преку кои ќе ги застапуваат и реализираат своите барања, повеќе зелени средени површни, развиен и богат културен живот.

Стојан Николов, Општина Росоман
фото: Стојан Николов / лична архива

Кои се најголемите проблеми со кои се соочува Општина Росоман во моментов?  

Николов: Помеѓу најголемите  проблеми со кои се соочува општината е проблемот со водоснабдувањето, кое, за жал, е повеќедецениски проблем. Втор горчлив проблем е старата фекална канализација, немањето план за индустриска зона каде би се отвориле нови работни места, но и проблемот поврзан со земјоделието, со тоа што до сега општината немала никаква стратегија поврзана со земјоделството како основна дејност во општината и немањето стратегија за помош.

Сите овие проблеми се клучни и затоа оваа година ќе почнеме со решавање на овие проблеми. За фекалната и атмосферската канализација веќе имаме готови проекти и преку обезбедување на средства ќе влеземе во изградба на истите. Во однос на индустриската зона, истражуваме како тоа го решиле другите општини преку позитивни примери кои ќе ни бидат еден патоказ како тоа ние да го изведеме. Сметам дека ова е од суштинско значење бидејќи така ќе им дадаме шанса и на локалните бизнисни, но и на поголемите фирми да инвестираат, а со тоа и да отворат нови работни места. Проблемот со водоснабдувањето ќе го решиме така што преку дополнителен извор на водоснабдување комплетно ќе го расчистиме и ова прашање. Веќе започнавме со истражувања на места за каде што постојаат индиции дека има доволно количини на вода за целосно да го покриеме водоснабдувањето на општинтата. По пронаоѓање на истите, со изготвување на проект ќе го решаваме и овој горлив проблем.

Навистина ова се суштински работи кои што досега требало да бидат расчистени и за чие решавање се потребни огромни средства. Убеден сум дека во наредните четири години овие проблеми ќе бидат решени.

Во вашата програма се наведени неколку проекти за млади. Што е она, што според вас, најмногу им недостасува на младите во мала општина како Росоман? Со какви предизвици се соочуваат младите таму?  

Николов: Во мојата изборна програма предвидов неколку проекти кои што сметам дека се клучни за младите. Најпрво, сметам дека е потребно да се формира младински совет преку кој младите ќе дискутираат и ќе ги изнесуваат своите потреби и барања, односно ќе бидат слушнати и преку ова тело ќе ги искажуваат своите барања.

Втор проект е младинскиот кулутурен центар. Неопходно е младите во нашата општина да добијат младински кулутурен центар во кои тиа ќе имаат најразлични активноссти. Овој центар би служел да младите истражуваат, се дружат, се едуцираат, организираат работилници, семинари, тркалезни маси и многу други работи поврзани токму со сè она што е поврзано со младите. Во програмата ветивме и стипендии за студентите и средношколците и токму за оние струки што ни се дефицитарни во нашата општина, а имаме реална потреба од истите.

Најголем проблем со кој што се соочуваат младите во нашата општина е тоа што нема работни места, односно по завршување на факултет нашите млади немаат каде да се вработат и поради тоа се принудени да ја напуштаат нашата општина. Сметам дека токму со индустриската зона која ја најавуваме и со отворање на нови работни места токму во таа индустриска зона, ќе овозможиме зголемување на побарувачката на пазарот на трудот во нашата општина, а со тоа и повеќе и поплатени работни места токму за младите.

Исто така, она што моментално го немаат младите во нашата општина е културниот живот. Во моментов ние немаме никаков културен живот, младите немаат каде да го минуваат своето слободно време, немаме ниту кино, театар ниту ништо слично. Мораме да работиме и на развивање на овој дел во нашата општина. Исто, преку едукација и одржување на семинари, целта ни е младите да се усовршуваат и за нови работи кои што не ги стекнале во процесот на формалното образование. Навистина младите се соочуваат со многу предизвици во нашата општина, но јас сум сигурен дека тие се спремни да се соочат со предизвиците и токму младите да бидат двигателите и носителите на растот и развојот на нашата општина.

Дали сметате дека на државата и општините им е потребен повеќе млад кадар во раководствата, со поинакви визии и заложби, за да им се одговори на актуелните предизвици? Колку сметате дека младите се застапени во општествените процеси во нашата земја, дали и колку се подготвени да придонесат за позитивни општествени промени?  

Николов: Дефинитивно на државата ѝ е потребен повеќе млад кадар, но, секако, тоа не би значело дека старите кадри треба да бидат тргнати на страна. Сметам дека ние како млади многу побрзо се адаптираме на промените и сме спремни да се соочуваме со новите предизвици. Но, само како млади, без искуството, знаењето и мудроста на повозрасните не можеме да придонесеме за позитивни промени во нашето општество. Сметам дека за да се случат позитивни промени тоа мора да биде сплет на младост и храброст, но и искуство и мудрост. Само заедно сите можеме да допринесеме за промена каква што сакаме да имаме.

Во однос на тоа колку младите се вклучени во општествените процеси во нашата земја сметам дека оваа Влада им даде навистина голема можност и шанса на младите да бидат вклучени во сите процеси. Мое лично мислеење е дека ние како млади мораме уште повеќе да се вклучуваме самите во општествените процеси, но тоа не мора да значи вклучување преку раководење на одредени сектори или институции. Сметам дека секој еден млад човек може да се вклучи во носењето на одлуки и во општествените процеси и тоа со учество, сугестија, идеја или совет. Мораме и ние како млади да излеземе од зоната на комфорот, да не го бараме спасот надвор од државата, туку да ги засукаме ракавите и заедно со сите други активни чинители во процесот на одлучување да работиме на позитивните промени.