Starfield e нова игра на која работат Bethesda што ветува многу

Фотографија преземена од вебсајтот на Starfield
Фотографија преземена од вебсајтот на Starfield - https://bethesda.net/en/game/starfield

Bethesda е гејминг компанија која веќе ги има Elder Scrolls и Fallout серијалите, а Starfield е најновиот наслов. Играта е во изработка веќе некое време а неодамна за прв пат беше објавен и 15 минутен „гејмплеј трејлер“:

За правењето на оваа игра девелоперите се запрашале себеси што би сакале да видат во ваков тип на игра и на база на тоа развивале идеи за играта. Резултатот на нивниот „брејнсторминг“ е тоа што оваа игра ќе има карактеристики и детали што нормално ги нема во „вселенските игри“, а сите гејмери посакуваат да ги има. Преку 1000 планети за истражување, уредување на сопствен вселенски брод со многу опции, правење бази на други планети, слетување и истражување по цела површина на планетите, голем број на дијалози со ликови во играта.

Приказната во играта почнува со тоа што одите во главниот град „Нова Атлантида“ каде се придружувате на последната група на истражувачи на универзумот наречена „Констелација“ (Соѕвездие). Овие истражувачи, покрај другото, имаат главна мисија да наоѓаат загубени артефакти што потекнуваат од планетата Земја. Се борите против пирати на кои што има опција и да им се придружите во играта – слободата на избор е многубројна и ќе има неколку фракции од кои можете да одберете кому да бидете лојални.

Битките се одвиваат со футуристични пушки и пиштоли додека сте на површина на планетите, но и во вселена со вашиот брод во стилот на Freelancer и Star Conflict. Некои од поинтересните карактеристики се што со бродот можете да се „докирате“ и на вселенски станици, дури можете и да играте како шверцер. Исто така, интересно е и креирањето на карактер каде одбирате особини што служат за “roleplay”. Можете да почнете како готвач, астроном, експерт за оружја и има околу дваесетина други различни опции.   

Графиката во играта е впечатлива, а девелоперите велат дека има доста рачно изработени околини во играта, различни планети, но исто така имаат развиено и систем што прави пермутации на планетите за да ја достигнат бројката на 1000 планети.

Иако гејмерите се во долго исчекување на Elder Scrolls 6, Bethesda нуди сосема нова супер игра преку Starfield и се предвидува и заедницата што прави „модови“ составена  од „фанови“ да има многу опции во Starfield. Самите девелопери сакаат да ја доразвиваат играта во годините што ќе следат и по нејзиното објавување. Сè уште нема точен датум кога ќе излезе играта иако неколку пати беше одложена, но е наведено дека ќе излезе следната 2023 година.