Совети од УНИЦЕФ на тема „Видео игрите и децата: водич за родители“

Водичот е прилично корисен, со практични совети за родителите како да се зголеми комуникацијата како и надзорот и заштитата на сопствените деца

Фото: Принтскрин, прирачник на УНИЦЕФ

УНИЦЕФ објави прирачник на тема „Видео игрите и децата: Водич за родители“. Водичот е прилично корисен, со практични совети за родителите како да се зголеми комуникацијата како и надзорот и заштитата на сопствените деца да не претеруваат со играње компјутерски игри, што е високорастечки тренд. Во водичот, фокусот е ставен на тоа како да се креира позитивна и безбедна гејминг околина за вашето дете.  

Овој водич е всушност интервју со експертот за видео игри, професорот Даниел Џонсон од австралистиот истражувачки Центар за извонредност.

Тој има обработено неколку теми, а првата се однесува на методата како родителите да почнат  да ги играат игрите со своите деца, да влезат во нивниот свет и подобро да ја разберат вредноста што децата ја имаат за дадена игра. Исто така, полесно е да му се рече на детето „види веќе играше неколку часа, мислам дека веројатно ти беше доволно” отколку наредбата „Доста губиш време на таа игра”, што остава кај детето чувство на несфатеност. Методата е ефикасна, иако е едноставна за применување. Околу учењето за дадена игра што му е омилена на детето, од УНИЦЕФ советуваат:

„Седнете со детето и оставете го да ве научи како да играте. Пуштете ги тие да бидат експертот, направете радост од тоа што вашето дете ќе ви ги покаже неговите светови”.

Во водичот се корисно обработени и ред други теми како на пример, „Кои се бенефитите што  видео игрите им ги пружаат на вашите деца”, „Учење и креативност”, „Надминување предизвици”, „Создавање конекции”, „Кои се некои од ризиците околу видео игрите што родителите треба да ги знаат”, „Мрачни патерни”, „Токсични заедници”, „Видео игрите и насилството” и други важни теми околу ова прашање.