Состојбата под закана на хакерите е помеѓу тензична и критична, тврди германската служба за безбедност

Уценувачи-хакери, на пример, искористиле два пропуста во софтверот за споделување датотеки и дошле до податоците на бројни корисници, а потоа ги уценувале заканувајќи се дека ќе ги објават

Фото: Sina Schuldt/dpa

Силната закана од сајбер криминал во Германија може да стане поголема со можната злоупотреба на алатките за вештачка интелигенција како ChatGPT, се вели во новиот извештај на Службата за национална безбедност (BSI), пренесува германската новинска агенција ДПА.

„Ситуацијата е меѓу тензична и критична“, оценуваат од службата.

Во набљудуваниот период од 1 јуни минатата година до 30 јуни годинава во просек дневно се откриени 68 слаби точки кај софтверските производи, за 24 отсто повеќе од претходната година, се наведува во извештајот на BSI објавен вчера.

Уценувачи-хакери, на пример, искористиле два пропуста во софтверот за споделување датотеки и дошле до податоците на бројни корисници, а потоа ги уценувале заканувајќи се дека ќе ги објават.

Вештачката интелигенција (ВИ) отвора не само можности, туку и ризици, предупредува BSI, бидејќи можната манипулација со податоците што вештачката интелигенција ги внесува за време на учењето може да предизвика кампањи за дезинформации и да влијае на јавното мислење. Заканата се зголемува и со можното мултиплицирање на слабите точки во програмирањето со вештачка интелигенција што ги изложува овие алатки на злоупотреби. Слабоста сама по себе е што софтверот на големите апликации за вештачка интелигенција е скриен во некаква црна кутија, стои во извештајот.

Германската служба оценува дека е важно вештачката интелигенција да извршува чувствителни задачи исклучиво под човечка контрола. На пример, да не можат да споделат некои лични информации или да се направат финансиски трансакции без одобрение, со кликнување на глувчето. Сервисот потврдил дека хакерите сега генерално ја следат линијата на најмал отпор, па затоа обично избираат жртви за кои веруваат дека се најмалку заштитени.

„Нивниот приоритет повеќе не е максимизирање на уцените, туку едноставно пресметување на односот трошоци и придобивки“, се вели во извештајот.

Затоа, денес наместо големи, богати, но и моќни жртви, хакерите се насочени кон малите и средни компании, како и училишта и слични институции.