Сопружниците од Дебар со корона вирус од Италија се возеле со 40 патници кои се симнале и во Скопје и во Куманово

Фото: Арбнора Мемети

Имаме два нови случаи позитивни со корона вирусот, тоа се двајца сопружници на 62 и на 68 годишна возраст кои овде стигнале на 27 минатиот месец од Северна Италија, информира министерот за здравство Венко Филипче.

– После влезот во земјава, од автобусот патници се симнале во Куманово, во Скопје и во Дебар. Сопружниците немале никакви симптоми, но на 2 март се јавиле кај матичен лекар со лесни симптоми. Матичниот лекар не препознал индикација да се направи тест за корона, но денес тие се јавиле во болницата во Дебар каде дошол да ги прегледа доктор од Гостивар. Земени им се брисеви и е утврдено дека се позитивни со корона – вели Филипче.

За време на престојот дома, тие имале контакт само со братот на жената. Денеска епидемиолог направил интервју со нив за да се види дали има потреба од изолација. Во соработка со Министерството за внатрешни работи веќе се најдени имињата и матичните броеви на сите патници во автобусот кои влегле во земјава заедно со сопружниците.

– Од вечерва и утре патниците после идентификувањето и нивното лоцирање ќе бидат интервјуирани и согласно податоците кои ќе ги дадат и согласно нивната состојба здравствена, ќе бидат преземени соодветни мерки. Вечерва двајцата заболени ќе бидат пренесени со специјален транспорт во Клиниката за инфективни болести каде што  дежурната екипа ќе ги прими. Тие имаат лесна клиничка слика, лесна форма на горно репираторна инфекција – објасни министерот.

Во автобусот кој стасал во земјава на 27 минатиот месец се возеле вкупно 40 лица. Филипче појасни дека најголем ризик да заболат имаат оние кои седеле во трите реда пред и зад заболените.

– Но, ние ќе ги интервјуираме сите патници. Многу е мал ризикот за второлиниско пренесување. Ниту ќерката, ниту другите членови на семејството немаат симптоми, но тоа не е сигурен показател, затоа мора да бидеме внимателни – додаде Филипче.

Според него, матичниот доктор не направил пропуст бидејќи, како што рече, тешко е да се даде дијагноза точна за состојба која дава симптоми слични на грип.

– Ќе зборувам лично со матичниот доктор утре, но еве ова  нека биде уште еден апел кон целото население, но и кон докторите, за сериозен пристап кон сите пациенти – рече тој.

Денеска стасаа и 20 туристи од Јапонија и Сингапур. Сите се интервјуирани, по што е утврдено дека се здрави и засега нема индиции дека можно е да се заболени со корона.

Филипче вели дека е во секојдневна комуникација со неговите колеги од околните земји, дека се преземени сите потребни мерки.