Зголемен број проблематични случаи со учебниците во многу средни училишта во земјава забележал Сојузот на средношколците, при што учениците пријавувале дека добиваат оштетени учебници далеку од употреблива состојба, но и дека честопати нема делови од учебниците.
Сојузот вакви ситуации утврдил во Скопје, Битола, Велес, Прилеп, Делчево и други градови, дури и во некои од најголемите средни училишта. Проблемот бил особено изразен во стручните училишта, за што велат дека создава нееднаквост меѓу учениците. Поради ова, учениците биле принудени сами да се снаоѓаат како ќе учат – преку барање учебници во електронски формат, преку фотографирање на страници од учебници на соученците или пак преку фотокопирање или набавување на учебниците на свој трошок.
Сојузот вели дека ситуацијата е алармантна и поради тоа апелира за нејзино решавање.
„Сојузот ја смета ситуацијата за апсолутно неприфатлива и строго ја осудува неодговорноста на надлежните институции во нивното справување со проблемот. Не може незавршената дигитализација да се користи како изговор за немањето учебници. Апелираме проблемот да биде ставен како висок приоритет и активно да се работи на негово решавање. Ние ќе продолжиме да ја следиме состојбата и ќе ја информираме јавноста за оваа исклучително важна тема“, стои во реакцијата на Сојузот на средношколци.
Од таму потсетуваат на членот 44 од Уставот кој гласи „Секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно“.