Со низа свечености се одбележува Денот на независноста на Македонија

Со низа пригодни свечености, под слоганот „Обединети во слободата“, денеска Република Северна Македонија го одбележува Денот на независноста – 8 Септември, денот кога пред 31 година државата стана независна. Како што информираат во Владата, чествувањето на овој голем празник во организација на Владата започна со положување венци свежо цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата Киро Глигоров и Борис Трајковски, на Градските гробишта „Бутел“.

Владината делегација која им оддаде почит на претседателите што оставија неизбришлив печат во градењето на нашата државност, беше предводена од претседателот на Владата Димитар Ковачевски, а во нејзин состав беа, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за здравство Беким Сали, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, како и заменик-министерот за правда Агим Нухиу.

На вечните почивалишта на поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски, свежо цвеќе положија и делегации на кабинетите на претседателот на државата, на Собранието, потоа на Сојузот на борците, дипломатскиот кор како и претставници на политичките партии.

Чествувањето на Денот на независноста – 8 Септември ќе продолжи со „Отворениот ден за граѓаните“ и богата културно уметничка програма на „Школка“ во Градскиот парк, а централната прослава ќе се одржи вечерва на платото кај паркот „Ибни Пајко“ од 19:30 часот.