Со планот за праведна транзиција од јагленот прво ќе се ослободуваат Битола и Кичево

Како главни проекти се посочуваат пренамената на термоелектраните во Битола и Осломеј преку замена на јагленот како енергенс, регионалната економска транзиција и програмата за енергетска ефикасност, чиста топлинска енергија и децентрализирано производство

Извор на фотографија: АД ЕСМ

Министерството за економија денеска ги презентираше клучните точки од нацрт Инвестицискиот план за праведна транзиција, кој е дел од Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција, што С. Македонија ја претстави на КОП28 и од која се очекува, со помош од меѓународни финансиски институции, да се мобилизираат до три милијарди евра, наменети за трансформирање на енергетскиот сектор зависен од јаглен.

Инвестицискиот план, велат од Министерството за економија се фокусира пред се на енергетска трансформација на двата региони најзасегнати од употребата на јагленот како фосилно гориво, Југозападниот и Пелагонискиот регион. Како главни проекти се посочуваат пренамената на термоелектраните во Битола и Осломеј преку замена на јагленот како енергенс, регионалната економска транзиција и програмата за енергетска ефикасност, чиста топлинска енергија и децентрализирано производство.

„Првата компонента опфаќа пренамена на електраните на јаглен, санација на рудниците и пренамена на земјиштето, можности за инсталирање на нови капацитети на обновливи извори и едукација во регионите засегнати од јаглен и зајакнување на мрежната инфраструктура, мрежна флексибилност и балансирање, како и складирање. Втората компонента е за социо-економска регенерација на Југозападниот и Пелагонискиот регион и опфаќа програма за зелена економија и раст, индустриски зони за економска транзиција и програма за економска регенерација за привлекување на корпоративни, климатски паметни инвестиции“, информираат од Економија.

Третата компонента на Инвестицискиот план е посветена на енергетската ефикасност и ќе вклучува поддршка на локалните заедници со ефикасни кредити за обновливи извори и поддршка за помалку комерцијално исплатливи инвестиции во чисто затоплување, енергетска ефикасност на домаќинства и кровни фотонапонски централи за ранливи потрошувачи, јавни згради, а ќе се разгледа и можност за поддршка на развој на енергетски заедници.

Планот се темели на амбициозните цели кои земјава ги постави во Националните придонеси кон климатски промени со нето намалување на емисиите на стакленички гасови од 82% до 2030 година во споредба со нивоата од 1990 година. Клучна активност за ова да се постигне е постепената замена на јагленот како енергенс со обновливи извори на енергија до 2030 година, а целта на земјата е до оваа година да го зголеми учеството на обновливи извори на енергија во бруто финалната потрошувачка на 38%.

„Програмата за забрзана транзиција од јаглен на Климатскиот инвестициски фонд нуди пакет алатки за поддршка на земјите коишто се во процес на транзиција од јаглен. Вкупната вредност за реализација на инвестициите од планот изнесува 676 милиони евра од кои Климатскиот инвестициски фонд обезбедува износ од 85 милиони американски долари, од кои 10% се очекува да бидат во вид на грант. Останатите средства во најголем дел ќе бидат обезбедени од мултилатералните банки во вид на концесиско финансирање, додека удел ќе има и државата како и мобилизација на приватниот сектор“, информираат од Економија.