СЈО денеска ќе поднесе жалба за куќниот притвор на Горан Грујовски

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) денеска ќе поднесе жалба до Апелацискиот суд против вчерашната одлука на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, со која мерката притвор на началникот на петтата управа на УБК, Горан Грујовски, првоосомничен во случајот „Тврдина“ е заменета со куќен притвор, потврди за „Мета“ портпаролката на СЈО, обвинителката Ленче Ристовска.

Од СЈО сметаат дека доказите што ги имаат посочуваат оти постојат околности за загрозување на постапката по случајот доколку Грујовски биде пуштен дома.

– Кривичниот совет ги прифатил нашите наводи, но сметал дека присуството може да се обезбеди со поблага мерка. Во жалбата ние даваме појаснување зошто сметаме дека треба да остане одлуката за одредување на мерката притвор – вели Ристовска.

Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 вчера на седница донел одлука со која го преиначил решението на судијата на претходна постапка и мерката од 30 дена притвор против началникот на петтата управа на УБК ја заменил со куќен притвор.

Советот одлуката ја донел, постапувајќи по жалбата на адвокатите на Грујовски.

Апелацискиот суд треба да ја донесе конечната одлука дали Грујовски ќе остане во притвор или пак ќе го потврди решението на Кривичниот совет за куќен притвор. Дотогаш осомничениот останува во притвор, во затворот Скопје.

Грујовски и уште четворица осомничени во случајот „Тврдина“, меѓу кои и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, се товарат дека минатата година ги уништиле системите од незаконското следење на комуникациите, вредни 10 милиони евра.