Се отвора изложбата „Анатомија на муралот – Илинден 1903“

Изложбата содржи селекција од 24 скици и  цртежи, изработени од авторот Борко Лазески кои послужиле како план за монументалната фреска Илинден 1903

Фото: Музеј на национална борба за самостојност

Во чест на 121 година од Илинденското востание и 80 години од Првото заседание на АСНОМ, денеска ќе се отвори изложбата „Анатомија на муралот – Илинден 1903, Борко Лазески“ која ќе биде поставена во Музејот на македонската борба за самостојност.

Изложбата содржи селекција од 24 скици и цртежи, изработени од авторот Борко Лазески кои послужиле како план за монументалната фреска Илинден 1903, што досега не се изложувани.

„Делото е создадено во 1950 година и изложено на Есенскиот салон на Друштвото на македонски ликовни уметници, а истата година е поставено во Домот на ЈНА. Зградата на домот беше разурната  во земјотресот од  1963 година, а фреската Илинден 1903 оттогаш е уништена. По неколку обиди во 1991 година, Борко Лазески ја возобнови фреската Илинден 1903 според оригиналните шеми, во Хотелот Монтана во Крушево каде се наоѓа и денес“, информираат од Музејот на македонската борба за самостојност.

Свеченото отворање на изложбата е денеска, 31 јули, со почеток во 19.30 часот, а посетителите ќе можат да ја посетат до 30 ноември.

Изложбата се органзира во соработка со Асоцијацијата за култура ИКОН од Скопје. Автор е Марија Коробар, а во реализацијата на изложбата учествуваат Василија Чали, Елизабета Марковска, Габриела Постолова Бошкова, Ана Китановиќ и Даниела Митевска.

На отворање на изложбата ќе се обрати министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, Марија Коробар од Асоцијацијата ИКОН, автор на изложбата и други почесни гости.