Дури 64 заклучоци донесе Самитот на Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес што се одржа вчера по пат на видеоконференциска врска. Заеднички регионален пазар, економски и инвестициски план, зелена агенда, одговори на ковид-19 пандемијата, безбедност, миграција, мало наоружување и лесно оружје, помирување, исчезнати лица, интеграција на Ромите, младите и политики поврзани со младите, тинк-тенк и граѓанско општество, образование, наука, истражување и иновации се само дел од главните области во кои беа донесени заклучоците.
Покрај тоа што треба да направат земјите од Западен Балкан во наредниот период, на Самитот на Берлинскиот процес беа искажани и неколку пораки од европските лидери. Германската канцеларка Ангела Меркел по состанокот со лидерите од Западен Балкан рече дека не можеле да предвидат оти Бугарија ќе го блокира почетокот на преговори со Северна Македонија за зачленување во ЕУ.
Блокадата на Бугарија на евроинтеграциите на нашата земја Меркел ја опиша како изненадувачки развој на настаните.
„Некои тешкотии не можете да ги предвидите. Долго гледавме како Северна Македонија и Грција преговараа за името. Северна Македонија стана членка на НАТО, но одеднаш Бугарија го блокираше почетокот на преговорите за членство во ЕУ“, изјави канцеларката Меркел.
Премиерот Зоран Заев на Самитот на Берлинскиот процес истакна дека регионалната соработка е основен фактор за поврзување и економски прогрес, а не за замена за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ.
„За сите нас е несомнено јасно дека само со интегриран и поврзан регион може да се движиме постојано кон нашата основна цел – членство во ЕУ. Имајќи го тоа предвид, од неодамна влеговме во нова фаза на нашата соработка. Имено како регион преземавме на наш товар многу иницијативи и процеси, но исто така испорачавме и резултати. Од друга страна, ние, лидерите на земјите од регионот, истакнавме дека проширувањето на ЕУ претставува стратешка цел за земјите од Западен Балкан“, изјави премиерот Зоран Заев.