САД ставија вето на резолуцијата на ООН за итен хуманитарен прекин на огнот во Газа

Во гласањето на 15-члениот совет, 13 членки гласаа за, Обединетото Кралство беше воздржано, а САД гласаше против

Фото: Abed Rahim Khatib/dpa

Соединетите Американски Држави ставија вето на резолуцијата на Обединетите нации со која се бара итен хуманитарен прекин на огнот во Газа. Гласањето во ОН дојде откако генералниот секретар Антонио Гутереш за прв пат се повика на членот 99 од Повелбата на ОН, кој му овозможува да ги искаже заканите што ги гледа за меѓународниот мир и безбедност. Тој предупреди на „хуманитарна катастрофа“ во Газа.

Заменик-амбасадорот на САД Роберт Вуд, пак, рече дека прекинот на воената акција ќе му овозможи на Хамас да продолжи да владее со Газа и „само да го сади семето за следната војна“. Тој ја нарече резолуцијата „неурамнотежена“ и по гласањето го критикуваше Советот за неговиот неуспех да го осуди нападот на Хамас врз Израел на 7 Октомври, во кој милитантите убија околу 1.200 луѓе, главно цивили, или да го признаат правото на Израел да се брани.

Во гласањето на 15-члениот совет, 13 членки гласаа за, Обединетото Кралство беше воздржано, а САД гласаше против. Поддржувачите исходот го нарекоа ужасен и предупредија на повеќе цивилни смртни случаи и уништување додека војната влегува во третиот месец. Како што пишува АП, Франција и Јапонија беа меѓу оние кои го поддржаа повикот за прекин на огнот.

Во обид да се притисне администрацијата на Бајден да се откаже од своето противење за повикот за прекин на борбите, министрите за надворешни работи на Египет, Јордан, Палестинската управа, Катар, Саудиска Арабија и Турција во петокот го посетија Вашингтон, но, нивната средба со државниот секретар Антони Блинкен се одржа дури по гласањето во ОН.

„Која е пораката што им ја испраќаме на Палестинците ако не можеме да се обединиме зад повикот да го запреме немилосрдното бомбардирање на Газа? Која е пораката што ја испраќаме на цивилите ширум светот кои може да се најдат во слични ситуации, праша заменик-амбасадорот на Обединетите Арапски Емирати, Мохамед Абушаха.