Руската амбасада реагира на Османи, немало докази оти сакале конфликт меѓу Македонија и Бугарија

Фото: Мета.мк

Амбасадата на Руската Федерација во земјава денеска реагираше на изјавата на министерот за надворешни работи, Бујар Османи што ја даде во неделното интервју за Радио Слободна Европа. Османи изјави дека Руската Федерација е еден од факторите на кои од интерес им е да се одржат живи конфликтите во регионот на Балканот, со цел полесно да може да се манифестира влијание.

„Јас немам такви директни информации, меѓутоа дека има интерес на трети фактори да се одржат живи конфликтите во овој регион, некогаш и замрзнати, со цел полесно да може да се манифестира влијание во нашиот регион, тоа е веќе позната работа од поодамна и тоа влијание сме го виделе во различен интензитет, во различни периоди на односите, не само меѓу Бугарија и Северна Македонија, туку воопшто на Западен Балкан, така што сигурно последната ескалација ќе биде добредојдена за многу трети фактори, коишто ќе видат шанса тука да се одржи еден перманентен конфликт. Дали е тоа во наш интерес? Јас не се согласувам“, изјави министерот Османи.

Ќучук од Софија и Османи од Скопје предупредуваат: Надворешни фактори не сакаат добри односи меѓу С.Македонија и Бугарија

Руската амбасада во Скопје во денешната реакција вели дека немало основа за ваквите тврдења на Османи, а камоли докази. Во нивната објава на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер наведуваат дека Русија секогаш постапувала во согласност со меѓународното право и резолуциите на Советот за безбедност на ОН. Тие биле заинтересирани за просперитет и мирен соживот на сите земји од регионот без исклучок, со чии народи Русија имала вековни пријателски врски.

Во објавата на Руската амбасада во земјава се додава дека немале „апсолутно никаков темел“ обвинувањата што се ширеле во низа медиуми за наводно „мешање“ на Русија во внатрешните работи на РСМ и нејзините односи со другите земји.

„Тоа им е добро познато на сите непристрасни набљудувачи и експерти“, наведуваат од Руската амбасада, повикувајќи ги „медиумите во РСМ“ на „одговорен и професионален пристап при објавување вести и аналитички материјали за Русија и принципите на нејзината надворешна политика“.

Според Руската амбасада во Скопје, принципите на руската надворешна политика кои отворено ги декларирале се: интеракција заснована на рамноправност, меѓусебно почитување и земање во предвид на меѓусебните интереси.

Пред една година, Руската амбасада во Скопје по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев на македонски јазик им ја честиташе значајната годишнина на сите кои ги споделуваат идеалите на Гоце Делчев, именувајќи го како симбол на ослободителната војна на Македонија.

Паралелно со дипломатската активност во Скопје, Руската амбасада во Бугарија кон крајот на јануари и почетокот на февруари 2022 година со серија активности, речиси истовремено, одбележуваше 190 години од раѓањето на Николај Игнатиев, руски дипломат и потписник на Санстефанскиот договор од 1878 година, со кој се предвиде формирање на голема Бугарија на Балканскиот полуостров. За ваквите активности, Руската амбасада во Софија имаше објави на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер.

Русија од Скопје го честита раѓањето на Гоце Делчев, а од Софија на потписникот на Санстефанскиот договор

 

***

Овој напис е изработен во рамките на проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.