Регистрирани 23 нови случаи на Ковид-19, вкупно активни случаи се 422

Во изминатите 24 часа направени се 702 тестирања, а регистрирани се 23 нови случаи на Ковид-19, информираат во Министерството за здравство. Дванаесет од случаите се во Скопје, четворица од Куманово и во Тетово, двајца во Прилеп и еден случај во Неготино.

– Направени се 702 тестови. Досега во земјата се направени вкупно 24.018 тестирања на Ковид-19. Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие, 365 тестови се во рамките на скринингот. Направени се 136 тестирања преку Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) во Велес, 94 преку центарот во Кочани, 97 преку ЦЈЗ Скопје. Направени се и тестирања во градинки како и тестирања на вработени во геронтолошки установи во Скопје, но не се регистрирани позитивни случаи на вирусот – информираат во министерството.

Оттаму информираат дека во „8 Септември“ утрово починал 47-годишен пациент од Тетово со хронични заболувања, кој бил примен вчера со симптоми на вирусот, а бил потврден позитивен денеска.

Институтот за јавно здравје регистрира деветмина оздравени пациенти.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1.921, бројката на оздравени пациенти е 1.387, на починати е 112, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 422.