Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби - Скопје | Фото: Арбнора Мемети

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 702 тестирања, а регистрирани се 127 нови случаи на ковид-19. Во Скопје има 67 новозаразени лица, во Штип 33, во Тетово 10 лица. Во последново деноноќие регистрирани се и седуммина оздравени пациенти, а починале три лица.

„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина пациент од Куманово на 70 години, кој бил хоспитализиран на 4 јуни, како и двајца пациенти од Скопје, едниот на 62 годишна возраст хоспитализиран од 5 јуни и пациент на возраст од 78 години, хоспитализиран на 2 јуни. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 3.152, бројката на оздравени пациенти е 1.653, на починати е 156, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 1.343“, стои во соопштението на министерството.

Досега во земјата се направени вкупно 37.027 тестирања за присуство на вирусот. Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие 28 теста се во рамките на скринингот во градинки во Кочани, каде нема позитивни на корона тестот.

На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 12 нови, а вкупно хоспитализирани 71 пациент. На кислородна поддршка се 39 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација.

До утрово, во ГОБ „8 Септември“ примени се 10 нови, а вкупно хоспитализирани 42 пациенти. На респираторна машина се 8, a со потешка клиничка слика се уште седум пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 13 пациенти, а на домашно лекување преку болницата се следат 2 пациенти. Во болницата во Штип се хоспитализирани 24 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 39 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19.