Радиото „Џез ФМ“ почна нова програма и онлајн-стриминг

Се воведуваат нови емисии во утринските и пладневните часови, со нови водители

Фото: Принтскрин од jazzfm.mk

Радиото „Џез ФМ“, најстарото и единствено македонско радио посветено на промоција на џез-музиката, започнува нова проширена програма, со нови емисии во утринските и пладневните часови, со нови водители.

„Се стремиме кон претставување нови перспективи и следење на развојот на џезот, обезбедувајќи динамична и релевантна програма со која се поттикнува љубопитноста на слушателите. Програмата е збогатена и освежена со нови водители и емисии. Во утринската програма од 10:30 часот, секој работен ден, преку „Џез панорама“, Јасна нè носи на музичко патување низ светот, запознавајќи нè со различни држави и култури и нивната музика. Во пладневните часови се емитува „Дневна сесија” со Виктор. Секој работен ден од 15:30 часот, тој нè информира за културните настани во нашата метропола, за значајните датуми и случувања од историјата на џезот и нè запознава со новата генерација музичари преку разговори и интервјуа, промоција на нови домашни изданија и настани“, вели уредничката на „Џез ФМ“, Стефана Марковиќ.

Дополнително, покрај добро познатата фреквенција 100,8 мегахерци, содржините кои ги нуди радиото отсега ќе бидат достапни онлајн, на jazzfm.mk.

„Веруваме дека џезот треба да биде достапен за сите. Затоа обезбедуваме лесно достапна платформа за слушателите да го откријат, уживаат и истражуваат светот на џезот, поместувајќи бариери и правејќи го жанрот достапен за љубителите од сите генерации. Исто така, активно се ангажираме да изградиме широка мрежа од љубители на џезот. Преку поддршка на локалната џез-сцена, соработка со музичарите и поврзување со нашите слушатели, градиме заедница“, додава Марковиќ.