Проширувањето на ЕУ, тема на состанок на министрите од Западен Балкан

Министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан, меѓу кои и македонскиот министер Никола Димитров, одржуваат состанок во Сараево посветен на Стратегијата на ЕУ за проширување со земјите од Балканот и спроведувањето на заклучоците од Самитот во Трст во 2017 година, составен дел од Берлинскиот процес.

На состанокот учествуваат и заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, државниот министер за Европа и Америка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Сер Алан Данкан, генералниот директор во Европската комисија, Кристијан Даниелсон и генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка(РСС), Горан Свилановиќ.

Свилановиќ изјавил дека една од главните активности на Советот во овој период е учество во заедничките подготовки на Дигиталниот самит на шесте земји од регионот што треба да се одржи во Скопје на 18 и 19 април.

„Подготовките на овој амбициозен Самит се во поодмината фаза и на него ќе се разговара за бројни практични и стратешки прашања – од намалување на цените на роамингот, интеграција на Западен Балкан во бројни дигитални иницијативи на ЕУ, до реформите на јавните управи преку дигитализација“, соопшти РСС.

Димитров, како што официјално е соопштено претходно во Скопје, ќе учествува и на министерската конференција за Фондот за Западен Балкан, каде ќе се разгледаат досегашните резултати од работата на оваа организација, како и нејзините идни активности.

За време на престојот во Сараево, Димитров ќе учествува и на конференцијата „Бергедорф раунд тејбл“ (Bergedorf Round Table) која оваа година се организира на тема „Долгиот пат кон Европа: Западниот Балкан меѓу домашните предизвици и геополитиката“, а на која ќе учествуваат високи владини претставници и меѓународни експерти.