Проект „Зелена генерација – училишта за климатска акција“: Соларните панели ќе ја зголемат финансиската одржливост на училиштата

Во проектот се вклучени вкупно 21 училиште, од  општините Берово, Штип и Чаир во Северна Македонија, Ваљево во Србија, Ѓаковица во Косово и Живинице, Лопаре и Грачаница во Босна и Херцеговина

Фото: НМСМ

Поставувањето на соларни панели ќе ја зголеми финансиската одржливост и моќ на училиштата, а заштедите од струјата ќе им овозможат на учениците, училишните заедници и советите на родители да ги искажат своите потреби кои соодветно ќе може да бидат адресирани преку финансиските заштеди направени преку заштедена електрична енергија.

Ова беше еден од заклучоците на завршната конференција на проектот „Зелена генерација – училишта за климатска акција“, каде се зборуваше за важноста на обновливите ресурси, како и за енергетската транзиција којашто треба да се имплементира во училиштата во Македонија.

Ваквата идеја е подржана со цел да се зголеми финансиската одржливост и моќ на училиштата, а тоа ќе се оствари со поставување на соларни панели на крововите на училиштата, велат од Националниот младински совет на Македонија.

„На овој начин ќе се креираат еколошки самоодржливи училишта кои преку користење на обновливи извори на енергија ќе ја следат зелената агенда и трансформација, притоа влијаејќи позитивно на зелената образовна трансформација“, додаваат од НМСМ.

Фото: Национален младински совет на Македонија

Завршната конференција е дел од проектот „Зелена генерација: Училишта за климатска акција“ кој цели да ги вклучи локалните засегнати страни во таргетирање на климатските промени.

Во проектот се вклучени вкупно 21 училиште, од  општините Берово, Штип и Чаир во Северна Македонија, Ваљево во Србија, Ѓаковица во Косово и Живинице, Лопаре и Грачаница во Босна и Херцеговина.

На конференцијата говореа градоначалниците на Штип и Берово и претставници на Општина Чаир, а потоа во работни групи учесниците разговараа за што треба и што не треба да опфати зелената образовна трансформација. Градоначалниците кои беа директно вклучени во проектот преку училиштата, ја истакнаа важноста од овој проект и ги поздравија придобивките кои овој проект им ги овозможи.

Фото: Национален младински совет на Македонија

Проектот „Зелена генерација: Училишта за климатска акција“ има за цел да ги поттикне училишните заедници да превземат активна улога во климатските активности, да ја подобрат енергетската ефикасност и да промовираат одржливи практики.

„Преку својот разновиден опсег на активности, проектот се стреми да ја подигне свеста, да ги зајакне капацитетите и да ја поттикне соработката, стремејќи се кон иднина на Западен Балкан која е отпорна на климатските промени и независна во енергетските ресурси. Токму затоа на завршната конференција ќе се формираат работни групи преку кои училиштата и училишните заедници ќе земат активно учество и тематски ќе може да работат и да споделуваат препораки за зелена образовна транзиција во нивната локална средина“, велат од НМСМ.

Проектот е спроведен од НМСМ, во партнерство со Београдска отворена школа од Србија, „БОНЕВЕТ“ Ѓаково од Косово и „РЕСЕТ“ од Босна и Херцеговина, а финансиски поддржан од „Фондација Отворено Општество“ – Западен Балкан.