Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) ја објави својата анализа насловена „Индекс за социјална инклузија на младите на локално ниво 2023 – 2024“.
Во анализата се рангирани општините според нивните перформанси во однос на поддршката на вклученоста и еднаквоста на младите. Според НМСМ, овој ранг служи како алатка за идентификување на области што бараат подобрување и за истакнување на успешни практики што може да се реплицираат во други општини.
Просечната оценка на социјалната вклученост на младите на локално ниво изнесува 41 отсто, со тоа што Општина Охрид е највисоко рангирана од сите општини. Општините Охрид, Гостивар, Крива Паланка, Струмица и Гевгелија беа квалификувани како пријателски општини.
Понатаму, во однос на пристапот на услуги, 40 отсто од општините биле проценети како „добри или одлични“, а 31 отсто од општините биле „одлични“ во однос на пристапот до информации.
Но, само 16 отсто од општините имаат функционален младински совет. Дополнително, само 4 отсто од општините, односно Охрид, Зелениково и Тетово, беа проценети како „одлични“ во нивното вклучување на младите во јавните политики.
„Анализата на младинското учество на локално ниво покажува значителни предизвици во исполнувањето на законските обврски од Законот за младинско учество и младински политики, како и во имплементацијата на мерките предвидени со Националната стратегија за млади. И покрај утврдените рокови, многу општини ги исполнуваат овие обврски само делумно или воопшто не ги исполнуваат“, велат од НМСМ.
Во анализата се заклучува дека суштинското вклучување на младите во креирањето на јавните политики е реткост. Младите ретко се таргетирани како целна група, а кога се тоа е најчесто во форма на поддршка за спортски клубови, стипендии за млади и слични видови на финансирање и поддршка на младите.
Анализата како мерки за подобрување препорачува „назначување на службеници за млади со посебен фокус на младинските прашања, развивање на иновативни алатки за младинско учество и подобрување на пристапот до постојните алатки за граѓанско учество“.
Дополнително, општините треба да ја исполнуваат својата обврска за одвојување на 0,1 отсто до својот буџет за младински прашања. Треба да се воведат и попристапни дигитални алатки и да се подобри комуникацијата со граѓанските организации.