Австрискиот канцелар Кристијан Керн најостро ја осуди политиката на американскиот претседател Доналд Трамп кон бегалците.
Пред неформалниот самит на ЕУ за бегалците, Керн рече дека САД, поради својата интервенција, имаат значителна одговорност за бранот бегалци.
Според него, за меѓународната заедница ставот на Трамп е неприфатлив.
Тој, исто така, оцени дека забраната за влез на државјани на одредени исламски земји е особено проблематична.
– Сакавме да го оценуваме Трамп по делата. Сега ни испорача дело кое е загрижувачко – предупреди Керн.
Европа, како што рече Керн, има обврска да внимава каква е состојбата во бегалските центри на своите граници, како и на ситуацијата во врска со човековите права.
Керн најави дека со британската премиерка Тереза Меј ќе разговара за Брексит затоа што преговорите ќе паднат под претседавањето на Австрија со ЕУ во 2018 година.
– Мораме да знаеме кои се следните чекори – рече Керн.