Центарот на Тетово. Фото: Порталб.мк

По осум години ветување, или во тек на две предизборни кампањи на актуелната градоначалничка на Тетово, Теута Арифи, проектот за катна гаража ќе добие форма во последните шест месеци од нејзиниот мандат. Иако договорот од засега непознати причини не е објавен во јавноста, Порталб.мк дознава дека фирмата што ќе го гради паркингот е избрана и дека во наредните денови се очекува да започне работата, пишува Порталб.мк.

Катната гаража треба да се гради во централниот дел на Тетово, зад ресторанот „Тиволи“. Сепак, освен локацијата и компанијата што го доби тендерот за изградба, Општина Тетово не дава повеќе информации за договорот, времето, капацитетот на катната гараќа и вредноста на договорот.

„Огласот е завршен, договорот е потпишан и во наредните денови ќе започнеме со работа“, изјави портпаролот на Општина Тетово, Арменд Фазлиу.

На прашањето од порталот зошто договорот не е објавен во системот за јавни набавки, од Општина Тетово не стасал одговор.

Порталб.мк неофицијално дознава дека гаражата ќе има само еден кат, а компанијата што го добила тендерот е „Еуровоиа“ со седиште во Желино и потсетува дека во буџетот за 2021 година на Општина Тетово, за изградба на паркинг простори се планирани вкупно 50 милиони денари.

Ова е локацијата каде се очекува изградба на катниот паркинг:

Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, го ветува овој проект од 2013 година
Проектот за подземни или катни гаражи останува неисполнето ветување на градоначалничката Арифи, иако беше ветен уште во 2013 година, кога таа за прв пат се кандидираше за функцијата градоначалник на Тетово.

„Го гледам Тетово со ефикасна патна инфраструктура, подземни паркинзи и редовни линии на јавен превоз“, рече Теута Арифи во 2013 година.

Истото ветување градоначалничката Арифи го повтори и за време на предизборната кампања во 2017 година, кога рече дека паркинзите ќе го решат сообраќајниот проблем во Тетово

„Метежот во сообраќајот е еден од најголемите проблеми што ги има градот. Го основавме претпријатието Градски паркинг и барем малку успеавме да го намалиме метежот во градот и планираме проширување на просторот за паркирање. Мислам дека катните гаражи ќе го решат овој проблем“, рече Теута Арифи на Топ Тема во 2017 година.

Компанијата „Градски паркинг“ со која градоначалничката Арифи се пофали постојано работи со загуба, подземните паркинзи не се изградија, а не се прошири ниту зонското паркирање, иако градоначалничката Арифи го ветуваше и тоа, па Тетово и понатаму се соочува со проблемот на крајно лош сообраќај.

Од друга страна, „Градски паркинг“работи постојано со загуба и зема заеми од парите на даночните обврзници. На 26 ноември, во вториот обид, оваа претпријатие успеа да обезбеди заем од 100.000 евра бидејќи континуирано работеше со загуба. Иако тоа беше оправдано со пандемијата на коронавирусот, финансиските извештаи што ги обезбеди Порталб.мк, покажуваат дека претпријатието работело со загуба и пред пандемијата.

Инаку, ова не се единствените нереализирани проекти за олеснување на сообраќајот во Тетово, како во предизборната кампања од 2013 година, така и во 2017 година, градоначалничката Арифи го вети отворањето на булеварот „Благоја Тоска“, обезбедување автобуси за јавен превоз како и отворање на уште два булевари, од кои досега е реализирано само продолжување на булеварот Индустриска.