Фото: Арбнора Мемети

Платформата за родова еднаквост на 8 Март организира протестен марш со цел да упати порака и да побара од институциите темелно расчистување на случајот „Јавна соба“. Маршот ќе започне во 15 часот пред Министерството за внатрешни работи (МВР) на ул. Димче Мирчев бр.9, главен влез, а ќе заврши во Парк Жена Борец. И на двете локации ќе се обратат претставници на платформата.

„Маршираме бидејќи држава што не постапува е држава што силува. Маршираме за поддршка на сите жртви на криминалната група Јавна соба и сите жртви на родово засновано насилство. Зад статистиките стојат женски лица. Маршираме за да ги потсетиме институциите МВР и Јавното обвинителство дека нема да застанеме додека не ги исполнат нашите барања“ велат од платформата, од каде што додаваат дека овој случај е шанса за институциите да покажат дека се залагаат за женските права и во пракса, а не само декларативно.

Оние што сакаат да присуствуваат на маршот, се повикани да се облечат целосно во црно, како израз на гнев и револт.

Претходно, Платформата одржа една прес-конференција пред Основното јавно обвинителство и една пред Министерството за внатрешни работи од каде што порачаа дека нема да престанат да го адресираат прашањето за решавање на случајот „Јавна соба“ и ќе продолжат да протестираат, сè додека ОЈО и институциите не испорачаат конкретни резултати по нивните барања, кои ќе покажат дека конечно се преземаат мерки и има нивна реализација.

Тие бараат кривичен прогон на сторителите на случајот „Јавна соба“ и за полнолетните жртви на случајот, а не само за делото „производство и дистрибуција на детска порнографија“. Како и гонење за делата: злоупотреба на лични податоци, посредување во вршење на проституција, загрозување на безбедноста или ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем во зависност од околностите на случајот.

Од платформата, исто така порачаа дека воедно очекуваат прочистување и санкционирање на полицијата од полициски службеници сторители на насилство врз жени, непрофесионално постапување или пропуштање да се преземат мерки.

На почетокот на овој месец Платформата протестираше против случајот „Јавна соба“ и побара од институциите санкционирање на сторителите, поддршка за жртвите, но и вметнување на онлајн сексуалното вознемирување во Законот.

Инаку, случајот со групата „Јавна соба“ е актуелен од минатата година. Неколку девојки и тогаш пријавуваа злоупотреби на нивни слики, а јавноста беше згрозена од содржините кои се споделуваа таму и кои ја покажаа темната страна на затворените групи на интернет. Годинава случајот повторно се актуелизираше откако девојката Ана Колева јавно го сподели своето искуство со сексуално вознемирување во групата „Јавна соба“.