Седум девојки од Скопје, Кичево, Тетово и Штип пријавиле дека биле злоупотребени во „Јавна соба“

Седум девојки од Скопје, Кичево, Тетово и Штип пријавиле во Бирото за јавна безбедност дека нивни фотографии се злоупотребени во групата „Јавна соба“ на мобилната апликација „Телеграм“, вели за „Мета“ Славјанка Петровска, заменик министерка за внатрешни работи повикувајќи ги притоа сите кои биле злоупотребени да пријават во најблиската полициска станица.

– Се работи на обезбедување на податоците за сторителите на кривичните дела, се вештачат телефоните кои се одземени од администраторот и креаторот на групата, како и други дејствија со цел што побрзо расчистување на случајот и поднесување соодветни пријави. До сега имаме добиено пријави од лица злоупотребени во групата од Кичево, Скопје, Тетово и Штип. Ги повикувам сите кои биле злоупотребени да пријават во најблиската полициска станица – вели Петровска.

Истрагата треба да покаже и која била целта и намерата на креирање на оваа група, дали станува збор за група во која само се споделувале фотографии со порнографска содржина или, пак, позадината била организирање на проституција и подведување, особено со акцент на малолетничките чии фотографии се споделувале.

– Обелоденувањето на оваа група треба да биде аларм за сите чинители во општеството, институциите пред сè, но и организациите кои го третираат ова прашање. Министерството за внатрешни работи ќе продолжи и во иднина да соработува со граѓаните и да ги подобрува политиките кои се во нивен интерес – додава Петровска.

Групата „Јавна соба“, каде се споделуваа порнографски и еротски фотографии и видеа од девојки, меѓу кои и малолетни, од вчера е избришана. Меѓу 7.400 членови, главно мажи, имало и јавни личности, поранешни и сегашни функционери и новинари. Засега приведени се само администраторот и креаторот. Пред да биде избришана, во самата група можеа да се прочитаат предлози во кои други групи и на кои апликации да се зачленат заинтересираните.

Експерти од областа на човековите права и родовото насилство велат дека девојките се жртви на збирштина сексуални предатори кои на жената и на женското тело гледаат како предмет без право на приватност. Експертите од областа на информатичката технологија и комуникации, предупредија дека има уште групи како јавна соба за кои јавноста не знае. Како што објаснуваат тие, на „Телеграм“ комуницираат дури и терористи, затоа што е тешко органите на прогонот да контролираат што се прави таму.

– Ова е една од ретките апликации која е енкриптирана од крај до крај, што значи дека од надвор многу тешко може да се пробие. Изборот на „Телеграм“ не е направен наивно, бидејќи тој се користи за споделување доверливи информации. Терористи користат „Телеграм“. Тој е енкриптиран, никој не се знае кој е корисникот. Органи на прогон не можат да го прислушуваат – изјави Ванчо Ордановски, основач и директор на компанијата „Инфопроект“.