Приведени две лица од телеграм групата „Јавна соба“, една од жртвите јавно сведочи за пеколот низ кој поминува

Telegram
Скриншот од разговор од поранешната група „Јавна соба“ / фотографијата е од јануари 2020 година

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски соопшти дека се приведени две лица во врска со случајот „Јавна соба“ и дека се преземаат други мерки кон другите лица.

Една година по обелодувањето на случајот со групата „Јавна соба“, каде се споделуваат порнографски и еротски фотографии и видеа од девојки, група со истото име повторно се актуелизираше деновиве на апликацијата за пораки „Телеграм“.

Освен експлицитните фотографии, во оваа и во сличните групи се испраќаат и фотографии преземени од социјалните мрежи на девојки и жени, па заедно со телефонските броеви и личните податоци, тие се користат за наштетување на угледот на жртвите. Компромитирачки содржини наводно се објавуваат и за малолетни лица.

Помеѓу жртвите на „Јавна соба“ е и 28-годишната Ана од Кавадарци, која собрала храброст јавно да зборува за пеколот низ кој поминува откако нејзина фотографија се нашла во групата на „Телеграм“. Во видео објавено на Инстаграм, таа раскажува за непријатното искуство со кое се соочила, откако фотографија преземена од нејзините социјални мрежи била испратена во групата, а самата таа била претставена како девојка која може да биде контактирана за сексуални услуги.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by 𝔸𝕟𝕟𝕒 (@troublemaker_ak)


„Почнав да добивам пораки, повици на мојот мобилен, на Вибер, Ватсап, Месанџер и Инстаграм. Не знаев што се случува, не знаев од каде доаѓа сето тоа се додека наредниот ден не добив скриншот од мојата слика, затоа што мојата слика не само што беше објавена во „Јавна соба“ туку тој некој ја препратил насекаде каде што стигнал“, раскажува 28-годишната девојка.

Поради претрпениот страв и паника, решила случајот да го пријави кај надлежните, но, како што вели, од таму добила одговор дека во ваков случај можат да бидат заштитени само малолетните лица.

„Отидов во одделот за сајбер криминал во Скопје да пријавам. Им ги покажав сликата, пораките, повиците, кажав дека сето тоа го имам, дека ги имам со име и презиме луѓето кои што мене ми звонеа и ми пишуваа. Меѓутоа, кога слушнаа дека јас сум полнолетна, односно дека имам 28 години ми рекоа дека законот во нашата држава е само за малолетниците во ваквите случаеви“, вели Ана.

Таа сведочи дека после ова се почувствувала беспомошно и бесно и изгубила секаква надеж, затоа што во ваков случај не се нудела никаква заштита за полнолетните лица.

„Токму поради тоа луѓето се осмелуваат на вакви работи, затоа што знаат дека никој ништо нема да им направи“, додава Ана.

Ана во видеото зборува за непријатното искуство / фотографијата е преземена од видеото на нејзиниот профил на Инстаграм

Како што раскажува потоа во видеото, по случајот таа се повлекла привремено, но одлучила да продолжи со животот. Ана во видеото се обраќа до сите девојки кои го доживеале или во иднина ќе го доживеат истото.

„Главата горе, не сте вие виновни што сте одлучиле да имате свој живот, да си постирате слики, да си користите социјални мрежи. Виновни се оние кои што тоа наместо да го земат такво какво што е, одлучиле да го злоупотребат“, вели таа.

Додава дека сите треба да бидат внимателни кога во вакви групи ќе видат слика или објава од некоја девојка што ја познаваат, дека не треба да судат, туку да им пружат поддршка на сите кои станале жртви. Таа апелира да се донесе закон кој ќе ги штити лицата од вакви злоупотреби во иднина.

„Доста беше веќе, претходно имало многу жртви во вакви ситуации, мислам дека е доста, мислам дека ова треба да престане. Мислам дека треба да се избориме  да се донесе таков закон кој што ќе нè штити од ваков криминал. Затоа што не сме воопшто заштитени и затоа што секој еден може за нас да објави и да напише што сака“, вели Ана.

Ана видеото го завршува со пораката дека е време ваквите злоупотреби да престанат, затоа што ова може да му се случи секому.

Инаку, за случајот зборуваше и претседателот Стево Пендаровски, кој во изјава за МИА потенцираше дека насилството врз жени и девојчиња во секоја форма е казниво со закон и дека правото на приватност е загарантирано со Уставот на Република С.Македонија.

„Барам од надлежните институции соодветно да го истражат случајот, а престапниците да бидат гонети и казнети согласно законските прописи. Одговорност мора да има во најкус можен рок. Доколку не се дејствува сега, се создава можност за креирање на култура на неказнивост за кривични дела со кои се уништуваат животите на илјадници жртви. Како општество, секој од нас треба да покаже солидарност и поддршка на жртвите, да не дозволиме двојна виктимизација. Да дејствуваме веднаш!“, порача Пендаровски.

Психологот Ана Попризова, пак, им понуди помош на девојките чии слики се споделуваат во групата на „Телеграм“ и соопшти дека ќе направи посебна мрежа за поддршка.

Платформата за родова еднаквост вчера изрази разочарување од игнорантниот однос на надлежните институции во врска со „Јавна соба“ и побараа Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот. Порачаа дека како претставници на граѓанскиот сектор ќе инсистираат сексуалното вознемирување преку интернет да биде регулирано посебно во Кривичниот законик.

„Сметаме дека е скандалозен и недозволив односот на Јавното обвинителство, од кое се очекува да го процесуира случајот во насока на докажување на вина и санкционирање на креаторите и учесниците во еден ваков сериозен облик на сексуално вознемирување на девојки, од кои голем дел се и малолетни. Потсетуваме дека оној кој ќе објави приватни видеа на интернет со порнографска содржина, може да одговара за кривичното дело „Злоупотреба на лични податоци” член 149 од Кривичниот законик, за кој е предвидена парична казна или казна затвор до една година“, велат од платформата за родова еднаквост.

Платформа за родова еднаквост
Платформа за родова еднаквост / фото: социјални мрежи

Сè уште не е расчистен случајот со групата „Јавна соба“ од минатата година. Неколку девојки и тогаш пријавуваа злоупотреби на нивни слики, а јавноста беше згрозена од содржините кои се споделуваа таму и кои ја покажаа темната страна на затворените групи на интернет.

Мета тогаш разговараше со неколку експерти во областа на образованието, информатичката технологија и на комуникациите. Основачот и директор на компанијата „Инфопроект“, Ванчо Орданоски, рече дека не е случајно што за ваква цел е избрана апликацијата „Телеграм“.

„Изборот на „Телеграм“ не е направен наивно, бидејќи тој се користи за споделување на доверливи информации. Терористи користат „Телеграм“. Тој е енкриптиран, никој не знае кој е корисникот. Органи на прогон не можат да го прислушуваат“, рече тогаш Орданоски.

Од МВР за неколку медиуми изјавија дека платформата „Телеграм“ е затворена за соработка со владите на државите од било која земја.