Платформа за родова еднаквост: Бараме контрола врз работата на обвинителите кои не доволно стручно и професионално ја вршат функцијата (галерија)

Фото: Ванчо Џамбаски

Бараме ефикасна и ефективна заштита на жртвите на родово засновано насилство. Затоа, Љубомир Јовевски, јавен обвинител на РСМ и Ацо Колевски претседател на Советот на јавни обвинители ве потсетуваме на обврската за навремено и ефикасно кривично гонење на сторителите согласно кривичниот законик, порачаа денеска на прес-конференција пред Основното јавно обвинителство од Платформата за родова еднаквост, мрежа од здруженија кои работат на унапредување на родовата еднаквост и организаторки на протестите за случајот „Јавна соба“.

„Со оглед на тоа што обвинителството е клучен орган за прогон за сторителите на кривичните дела, сметаме дека постапките за насилство врз жени и девојки не се водат доволно стручно и професионално. Ниту една мерка за спречување и заштита од насилство нема да го има посакуваниот ефект доколку насилниците не се гонат кривично и избегнуваат одговорност за сторените дела“ изјави Јана Коцевска, претставничка на Платформата за родова еднаквост.

Таа истакна дека нивното искуство, како организации што нудат бесплатна правна помош за жртвите покажува дека обвинителството не доволно ги заштитува жртвите на родово базирано насилство. Според Платформата, Советот на јавни обвинители недоволно ги користи своите надлежности за контролата на јавните обвинители кои непрофесионално, ненавремено извршуваат своја функција во однос на кривичните постапки за родово базирано насилство.

„Бараме засилена контрола врз работата на обвинителите во случајот Јавна соба, но и на обвинителите кои работат во постапки поврзани со насилство врз жени. Бараме доследна примена на внатрешни акти со кои ќе се прецизираат обврските и начинот на постапување на обвинителите во овие случаи, согласно со Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство и Истанбулската конвенција“ порача Коцевска во име на Платформата.

Таа рече дека Платформата нема да престане да го адресира прашањето за решавање на случајот „Јавна соба“ и ќе продолжат да протестираат, ако до 8 март Основното јавно обвинителство не испорача конкретни резултати по нивните барања, кои ќе покажат дека конечно се преземаат мерки и има нивна реализација.

Организаторките на протестите уште еднаш ја потенцираа непрофесионалноста на полициски службеници кои често пати ги обвинуваат жртвите и не преземаат соодветни мерки, како и службениците кои самите се сторители на насилство. И затоа, побараа засилена контрола и врз нивната работа.

Од Платформата за родова еднаквост истакнаа дека нема да прифатат префрлање на одговорноста од една кон друга институција, туку инститираат на сеопфатни, ефикасни резулати до 8 март, што подразбира кривичен прогон на сторителите на случајот „Јавна соба“ и за полнолетните жртви на случајот, а не само за делото „производство и дистрибуција на детска порнографија“. Како и гонење за делата: злоупотреба на лични податоци, посредување во вршење на проституција, загрозување на безбедноста или ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем во зависност од околностите на случајот.

Претходно, Платформата имаше прес-конференција пред Министерството за внатрешни работи каде побараа сериозни резултати и сериозна волја, а не само декларативна. Тие порачаа дека воедно очекуваат прочистување и санкционирање на полицијата од полициски службеници сторители на насилство врз жени, непрофесионално постапување или пропуштање да се преземат мерки. Освен ова, побараа и стручна едукација на полицијата за постапување во случај на родово базирано насилство.

По ова, реагираше Македонскиот полициски синдикат кој побара да не се генерализира цела полиција поради случајот „Јавна соба“.

Инаку, на почетокот на овој месец Платформата протестираше против случајот „Јавна соба“ и побара од институциите побараа санкционирање на сторителите, поддршка за жртвите, но и вметнување на онлајн сексуалното вознемирување во Законот.

Инаку, случајот со групата „Јавна соба“ е актуелен од минатата година. Неколку девојки и тогаш пријавуваа злоупотреби на нивни слики, а јавноста беше згрозена од содржините кои се споделуваа таму и кои ја покажаа темната страна на затворените групи на интернет. Годинава случајот повторно се актуелизираше откако девојката Ана Колева јавно го сподели своето искуство со сексуално вознемирување во групата „Јавна соба“

„Мета.мк“ минатата година разговараше со неколку експерти во областа на образованието, информатичката технологија и на комуникациите. Основачот и директор на компанијата „Инфопроект“, Ванчо Орданоски, рече дека не е случајно што за ваква цел е избрана апликацијата „Телеграм“.

„Изборот на „Телеграм“ не е направен наивно, бидејќи тој се користи за споделување на доверливи информации. Терористи користат „Телеграм“. Тој е енкриптиран, никој не знае кој е корисникот. Органи на прогон не можат да го прислушуваат“, рече тогаш Орданоски.