Планот на Јункер за бегалците пред министрите на ЕУ во Брисел

Министрите за внатрешни работи и за правда на 28 земји-членки на ЕУ денеска ќе одржат вонреден состанок во Брисел, на кој ќе се разгледаат предлозите за прераспределување на бегалците, што минатата недела ги предложи претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јунекр.

Министрите ќе го разгледуваат планот за солидарно прифаќање на речиси 160.000 бегалци од завојуваните подрачја на Блискиот Исток и во Африка.

Неколку средноевропски и источни членки на ЕУ веќе изразија остро противење на планот, кој подразбира задолжителни квоти за сите држави на ЕУ, а меѓу противниците на планот се и унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговиот словачки колега Роберт Фицо.

Претседателот на Советот на Европа, Доналд Туск, претходно најави дека ќе свика вонреден самит на ЕУ до крајот на месецов, во случај планот на Јункер да не добие поддршка од мнозинството министри.

Истовремено, со министрите за внатрешни работи за правда, во Брисел денеска ќе заседаваат и шефовите на дипломатија на ЕУ, во рамките на редовниот состанок на Советот за општи работи.