Перица Георгиев-Пепси: Да бидеме вљубени во мистеријата на непознатото

Фото: Мета.мк

Еден од културните настани кој ја одбележа изминатава недела во Скопје беше и беше неформалната камерна ретроспектива на делата на Перица Георгиев-Пепси. Изложбата поставена во галеријата Чифте Амам насловена „И во огнот штом ќе запролети“ нè воведува во егзистенцијално-духовни прашања и ги бара одговорите за смислата на животот и философијата за сопственото постоење.

„Да бидеме вљубени во мистеријата на непознатото. Таа вљубеност во непознатото ја отвора вратата на мистеријата, бечноста влегува и истура вино. И кој пие од тоа вино веќе е пијан до крајот на животот и понатака. Пијан е засегогаш и нема потреба од вино, од алкохол. Нема потреба од ништо. Човекот е многу среќен затоа што се напил од виното на љубовта“, им порача Георгиев-Пепси на присутните за време на отворањето на изложбата.

Од Национална галерија на Македонија истакнаа дека авангардниот Пепси ги материјализира и ги презентира сите интимни состојби и ситуации што го провоцираат уметникот на креативен чин и се интегрираат во сложувалката на секојдневието, оставајќи метаризница на минатото – во иднината.

Перица Георгиев-Пепси е роден во 1957 година, во Скопје. Во 1987 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Во 1984 година се неговите први настапи со групата „Зеро“, во која учествуваат повеќе уметници и музичари. Заедно излагаат во полето на колажот, инсталацијата, анимацијата, видеото, музичките и мултимедијални хепенинзи.