Основците полагаа државни тестови – не влијаат на оценките, но ќе се утврдува што научиле

Државни тестови полагаа 2.600 ученици по мајчин јазик и 1.200 по математика, и тоа во 90 основни училишта во државата

Билјана Михајловска, директорка на Државен испитен центар. Фото: Мета.мк

На 4 и 5 октомври учениците во основното образование полагаа државни тестови. Во Македонија започна да се спроведува сеопфатно државно тестирање кое системски ги следи постигањата на учениците, а очекувањата се да обезбеди информации околу тоа, колку учениците го совладале материјалот предвиден со наставните програми и кои се деловите каде што учениците имаат повеќе потешкотии.

Државни тестови полагаа 2.600 ученици по мајчин јазик и 1.200 по математика, и тоа во 90 основни училишта во државата.

Новата директорка на Државниот испитен центар Билјана Михајловска за Мета.мк вели дека учениците и наставниците треба да бидат спокојни бидејќи резултатите нема да предизвикаат никакви реперкусии по наставниците, ниту пак, тие ќе влијаат на успехот на учениците.

„Сметам и јас, но и моите колеги професионалци, дека ова е една од најдобрите работи што сме ја направиле во образованието. Ова е првиот веродостоен чекор кон обебедување квалитет во образованието, врз основа на објективните податоци за моменталната состојба во училиштата. Лани беше главното тестирање за трето одделение, за што сега до крајот на годинава ќе излезе првиот извештај. На крајот на учебната година ќе се случи главното тестирање во петто одделение. Циклусите се на три години, односно основна цел е да направи проценка на постигањата на учениците на три генерации – трето, петто и деветто, но не само проценка на знаењата кои се врзани со наставната програма, туку да направи проценка на сите позадински фактори кои влијаат на знаењата на учениците“, објаснува директорката Михајловска.

Таа информира дека и родителите и наставниците пополнувале прашалници преку кои се гледаат и ресурсите, методите на работа, техниките, понатаму, социо-економската состојба на семејството и т.н.

„Сето тоа кога го собираме, гледаме што е добро и што е помалку добро. Кога ќе знаеме што е помалку добро, таму можеме да делуваме. Тие извештаи ќе му послужат на МОН, на нашите колеги кои работат на учебници, но и на наставните програми, да направат подобри материјали, или пак, да ги подобрат условите во училиштата за да можат учениците да имаат повисоки постигања“, додава Михајловска.

Системот кој се воспоставува сега, ќе послужи во иднина за да можат да се направат споредби за тоа, како напредуваат генерациите.

„Она што е многу важно е дека државното тестирање се однесува исклучиво на квалитетот на образованието. Не е целта да се оцени работата на наставниците или да се покаже со прст кој е подобар кој е полош. Затоа и на примерок работиме, примерок училиште, примерок ученици. Сите ученици од една генерација се репрезентативен примерок за државата, но не се за училиштето. Затоа не можеме да кажеме ова училиште е лошо или добро, или овој наставник е лош или добар. Дури и во Концепцијата за државно тестирање, е нагласено дека ниеден поединец или институција во државата не смее да ги користи резултатите за оценување на поединечни ученици или поединечни наставници“, додава Михајловска.

Според Концепцијата за Државно тестирање во основно образование, целна популација на државното тестирање се ученици од јавните основни училишта кои наставата ја следат на македонски наставен јазик и на албански наставен јазик во три циклуси во трето, петто и деветто одделение, по мајчин јазик (македонски и албански јазик) и математика.

Според законските прописи, учеството на учениците е задолжително и директорите на училиштата се обврзани да ги обезбедат потребните услови за организирање и реализација на тестирањето.