Одземени предмети за вештачење од домот на осомничениот Николовски, тој е пуштен на слобода

Полиција пред средното училиште „Јосип Броз Тито“ во Скопје за време на антитерористичките проверки по анонимната дојава за бомба, 26.10.2022 | Фото: Мета.мк

Од домот на осомничениот за можна поврзаност со вчерашните лажни закани за поставени бомби во девет скопски средни училишта, одземени се предмети за вештачење, информираат од МВР за Мета.мк. Покрај повеќечасовниот разговор со него во полициска станица, во координација со обвинителството извршен бил претрес на неговиот дом, додаваат оттаму. Потоа, тој е пуштен на слобода додека МВР се обидува да го расветли случајот.

„Со лицето е извршен службен разговор, во координација со јавното обвинителство извршен е претрес во дом, одземени се предмети за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.

Платформата Конзерватив.мк синоќа објави дека приведениот е Никола Николовски, член на ова движење. Оттаму тврдат дека тој е невин и нема никаква поврзаност со лажните закани за бомби во скопските училишта.

„Никола е, пред сѐ, општествено одговорен граѓанин, активист на Конзерватив.мк кој е активно вклучен во борбата против дезинформациите и лажни вести, кој со гордост ја претставувал Македонија на многу настани, натпревари и конференции, вклучително и во Европскиот парламент“, стои во објавата на политичката платформа, каде се додава дека вистинските лица кои стојат позади овој напад мора да понесат целосна одговорност.

Конзерватив.мк се опишува како движење кое „обединува граѓански активисти чии примарни заложби се демократија, слободен пазар, здрава животна средина, како и активисти чија примарна идеологија е конзерватизмот и класичниот либерализам како десно или центар-десни ориентации“.

МВР вчера го приведе Николовски поради постоење на сомнение за поврзаност со заканите за поставени бомби во скопските училишта.

Слични лажни закани за поставени бомби до скопските средни училишта беа испратени и изминатата недела. Новинската агенција Мета.мк доби копија на неколку од пораките, вклучувајќи ја и вчерашната. Она што ја разликува последната електронска порака со закана за поставени бомби е тоа што таа е потпишана со име и презиме и телефонски број, како и што содржи шега која рускиот претседател Владимир Путин ја кажа неодамна.

Нова закана за бомби во осум училишта, овојпат во содржината на пораката е и шегата на Путин

 

По завршените антитерористички проверки во врска со вчерашните пријави дека во девет училишта во главниот град биле поставени експлозивни направи, полицијата утврди дека пријавите биле лажни.