НМСМ очекува новото министерство да креира и спроведува квалитетни младински политики

Укажуваме на фактот дека Агенцијата, односно, секторот за млади, досега се бореше за своја егзистенција со буџет кој едвај ги задоволуваше организациските трошоци (околу 5% од вкупниот буџет на Агенцијата беа насочени кон секторот за млади) и се надеваме дека оваа состојба ќе се промени кон подобро со новата реорганизација, велат од НМСМ

Извор: StockSnap на Pixabay

Мрежите на младински организации – Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), Коалиција на младински организации СЕГА и Сојузот за младинска работа, преку допис го искажаа својот став кон Владата, со кој го поздравуваат чекорот за унапредување на положбата на младите во рамки на организацијата на државниот апарат.

„Веруваме дека новоформираното Министерство за социјална политика, демографија и млади ќе биде водечката институција која ќе креира и спроведува квалитетни младински политики базирани на потребите и интересите на младите во Република Северна Македонија”, пишуваат од НМСМ.

Од Агенцијата за млади и спорт очекуваат дека позитивните практики на институцијата ќе се задржат и продолжат во рамки на новото минстерство, кое што ќе даде голем фокус за унапредување на работата и следење на актуелните младински трендови. Ова, според НМСМ, би придонело при креирањето на соодветни политики.

„Укажуваме на фактот дека Агенцијата, односно, секторот за млади, досега се бореше за своја егзистенција со буџет кој едвај ги задоволуваше организациските трошоци на истата (околу 5% од вкупниот буџет на Агенцијата беа насочени кон секторот за млади). Се надеваме дека оваа состојба ќе се промени кон подобро со новата реорганизација и дека младите за кратко време ќе ја почувствуваат користа од новото министерство”, изјавија од НМСМ.

Посочено беше дека трите мрежи имаат богато искуство во полето на младинското работење, и се апелира носителите на одлуки да направат суштинска реформа во институционалната рамка за млади.

„Тоа би значело квалитетна програма за работа на новото министерство, соодветно буџетирање на работата на истото, како и кадровско зајакнување. Воедно упатуваме на доследна имплементација на Законот за младинско учество и младински политики, Националната стратегија за млади (2023-2027), Националната стратегија за ментално здравје за млади (2024 – 2026) и другите релевантни младински политики на локално и национално ниво”, додаваат oд НМСМ.

Мрежите на младински организации ги нудат своите капацитети, знаења и искуства на властите за имплементација на суштинската реформа за која се аплира и се залага за транспарентна, консултативна и инклузивна, за да може да се обезбеди побараниот квалитет.